Средби на претседателот Пендаровски во рамки на учеството на самитот на ПСЈИЕ во Сараево

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на учеството на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во Сараево оствари билатерални средби со претставници на земјите-учеснички на самитот.

На средбата со Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои се пријателски и бележат позитивен развој со континуиран дијалог.

Двајцата претседатели констатираа дека Северна Македонија и Албанија споделуваат исти надворешно-политички цели, и во тој контекст ја истакнаа потребата Европската унија да ги валоризира напорите на двете држави преку одредување на датум за почеток на пристапните преговори за членство, како важен предуслов за стабилност во регионот.

На средбата со Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, беше констатирано дека двете држави негуваат одлични политички односи и споделуваат исти надворешно-политички приоритети. Двајцата претседатели изразија подготвеност за интензивирање на соработката меѓу двете земји, како во рамки на регионалните иницијативи, така и на мултилатерален план. Претседателот Пендаровски се заблагодари за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО од страна на Собранието на Црна Гора.

На средбата со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и за состојбите во регионот. Двајцата соговорници ги реафирмираа заложбите за натамошно продлабочување на билатералната соработка на политички и на економски план, како и во однос на европските интеграции.

На средбата со Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот Пендаровски се заблагодари за отворената и конструктивна поддршка од Словенија за аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, потврдена со ратификацијата на протоколот за членство на државата во алијансата од страна на словенечкиот парламент.

Претходно, Пендаровски оствари средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, како и со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Претседателот Пендаровски во Сараево учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), каде се обрати на пленарната сесија на самитот.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …