Средношколци од Европа преку „Еразмус плус“, ја посетија Општина Прилеп

Средношколци од неколку европски држави, коишто преку „Еразмус плус“ програмата, финансирана од Европската комисија преку Националната агенција за образовни програми и мобилност престојуваат во Прилеп, денеска ја посетија Општина Прилеп. Според координаторот на проектот „Наследството од минатото, искуството од сегашноста и ветувањето на иднината“,професорката по англиски јазик во СОУ „Ѓорче Петров“, Елизабета Милошеска,овој проект има голем придонес за кршење на предрасудите и стереотипите за одделни земји, нации, религии …

„Учениците одат во тотално непозната средина, во нови семејства, се
навикнуваат на нивната храна, обичаи, се разбиваат предрасудите кои што сме
ги имале за некоја земја. Учесниците се од различни националности, има
муслимани, христијани, католици, а сето тоа придонесува да се запознаваме со
другите култури, да излеземе од нашите рамки. Да им покажеме ние што имаме
и исто така да научиме нешто ново од нив“, вели Елизабета Милошеска,
професор по англиски јазик СОУ „Ѓорче Петров“ и координатор на проектот.

Повеќе од 40 ученици, вклучени во проектот, се импресионирани од земјите каде патуваат, од нивните обичаи, култури и традиции.

„Јас сум Елена Врбоска од Македонија. Учам во СОУ ‘Ѓорче Петров’ и имам
гостинка од Турција. Учествував во проектот, бев во Шпанија, исто така бев
сместена во семејство и многу сум задоволна од посетата. Се запознавме
со нова култура, што ја нема овде, воспоставивме многу нови пријателства“,
раскажува Елена.

„Овде е навистина многу убаво. Се запознавме со многу лица преку проектот
од различни националности и култури“, вели Алексис од Шпанија.

„Ова патување преку ‘Еразмус плус’ ми донесе многу нови познанства. Доаѓам од
Турција. Овде сум за прв пат и многу ми се допаѓа Македонија“, во еден здив
вели, Батухан од Турција.

Слични се впечатоците и на Јоана, која доаѓа од Германија.

„Навистина сум возбудена. Многу ми се допаднаа Охрид и Прилеп. Запознав
нови пријателства и другари, а се стекнав и со нови искуства“.

„Во Торино, во Италија, бев под стрес. Кога дојдов овде се релаксирав. Многу е
мирно и спокојно. Ми се допаѓа природата“, рече Пауло од Италија.

„Наредната средба треба да биде во Торино – Италија, потоа во Истанбул и
Германија. А, последната средба со наставниците во Мадрид“, додава Милошеска.

Инаку,проектот за којшто се аплицира во Германија, трае две години. Освен Македонија,во проектот се вклучени како земји партнери и Турција, Германија, Шпанија и Италија.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …