Целта ни е не само да учествуваме во реставрација или малку да им помогнеме на луѓето што се задолжени за одржување на воените гробишта во земјите што ги посетуваме, туку нашите ученици да бидат прифатени од ученици од местата што ги посетуваме, вели Хуберт Хобс од средно училиште „Јорг Церн“ од Иберлинген.

Триесет ученици од училиштето за средно стручно образование и занимања „Јорг Церн“ од Иберлинген, во сојузната држава Баден Виртемберг во Германија, една недела ќе престојуваат во Прилеп, со задача да учествуваат во реставрација, односно санација на германските воени гробишта.

– Во Прилеп ќе престојуваме една недела и наша обврска ќе биде да учествуваме во санација на германските воени гробишта. Веќе 23 години одиме по различни држави од Источна Европа, со задача да ги посетиме и да ги санираме тамошните германски воени гробишта. Целта ни е не само да учествуваме во реставрација или малку да им помогнеме на луѓето што се задолжени за одржување на воените гробишта во земјите што ги посетуваме, туку нашите ученици да бидат прифатени од ученици од местата што ги посетуваме, во случајов од Прилеп, кои ќе им бидат домаќини. Наша цел е воените дејства што порано се случувале повеќе да ги нема, бидејќи иднината на Европа е поинакво гледање на работите, односно негување на мирот, слободата и меѓусебното разбирање. Оваа акција ја работиме во соработка со здружението за грижа на германските воени гробишта од нашата земја, кои го поддржуваат и поттикнуваат овој начин на соработка – вели Хуберт Хобс, професор во училиштето за средно стручно образование и занимања „Јорг Церн“ од Иберлинген.

Посакувајќи им пријатен еднонеделен престој во Прилеп, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, ја поздрави иницијативата на германското здружение, но и на средното економско училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Прилеп, чии ученици ќе им бидат домаќини на германските средношколци.

– Заедничкото дружење и вклученоста во проект што значи грижа за германските гробишта е за почит од причина што ова светилиште на загинатите борци од Првата светска војна треба на сите да ни служи како опомена дека војните носат само несреќа и зло. Дека современото демократско општество и животот во Европа треба да го градиме врз демократски стандарди и регулативи, со почит на различностите – истакна градоначалникот Јованоски.

Завршниот настан на седумдневната посета на учениците и нивните професори од Германија ќе се случи на 23 јули, на германските воени гробишта во Прилеп. Кратката церемонија ќе биде, како што вели професорката по германски јазик од средното економско училиште во Прилеп, Мануела Котеска, круна на сета онаа работа која во изминатите две недели се случуваше на германските воени гробишта во Битола и Прилеп. Покрај претставниците на прилепската локална самоуправа, на завршниот настан ќе учествуваат и претставници на германската амбасада во Македонија.

За време на престојот во Прилеп, гостите од Германија ќе ги посетат туристичките и културните знаменитости на градот – ретките музејски поставки и манастирите во околината на градот.

Објавено во Слободен печат