Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразува сериозна загриженост по најавите од Телевизија Телма за отпуштање новинари и медиумски работници под закрила на спроведување нова систематизација и програма.
„По целодневната комуникација во која се запозна со предметот и доби инструкции од својот правен тим ССНМ целосно застанува зад својот член. Според известувањето кое беше доставено до Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, ТВ Телма започнува процес за прогласување на технолошки вишок во компанијата, заедно со нова програма и прераспределба на работни позиции. Но загрижува фактот што реорганизацијата е насочена само кон едно лице – долгогодишниот уредник и новинар Боби Христов чијашто позиција целосно се укинува и се прогласува за технолошки вишок“, стои во соопштението од ССНМ.
Оттаму велат и дека загриженоста не само за работничките туку и за професионалните права и слободата на новинарите е уште поголема, земајќи го предвид фактот дека реорганизацијата и новата програма директно таргетираат долгогодишен искусен новинар.
ССНМ го повикува раководството на ТВ Телма уште еднаш внимателно да ја разгледа одлуката за прогласување технолошки вишок, притоа земајќи ги целосно предвид правата на работниците.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место