Стари казни за новите функционери

Стари казни за новите функционери

Со законски измени ќе се враќаат старите казни за злоупотреби од функционерите, но штетата нанесена досега не може да се санира. Академик Камбовски смета дека измени на Кривичниот закон се добар чекор бидејќи во спротивно уште најмалку година и пол би продолжиле да важат малите казни. Ако се донесе нов Кривичен законик до крајот на 2025, пак, Северна Македонија ќе добие 6,4 милиони евра од Брисел.

Најавените брзи измени на Кривичниот законик со кои ќе се заострат актуелните казни за злоупотреба на службената положба се добар чекор, оценуваат за РСЕ експерти од правосудството. Тие, според најавите, во пракса веројатно ќе значи враќање на построгите казни кои важеа пред септември 2023. Тогаш, намалувањето на казните донесе побрзо застарување на делата, со што пропаднаа повеќе случаи со кривичен прогон против високи функционери од минатите власти.

Измените се „крчкаат“ во период кога Северна Македонија очекува мислење од Европската комисија (ЕК) за предлогот за сосема нов Кривичен законик усогласен со европското законодавство. Амбициите на власта се дека новиот закон ќе се донесе до крајот на 2025 година, па се поставува прашањето дали има потреба од брзи измени на актуелниот Кривичен закон?

Според академик Владо Камбовски тие се потребни бидејќи во спротивно уште најмалку година и половина „не би имале поефикасно гонење на кривичните дела како злоупотреба на службената положба, што ќе се извршат во меѓувреме“ односно од актуелните и идните функционери.

„Покрај тоа што би се донел на крајот на годината, новиот Кривичен законик ќе има одложено дејство од најмалку шест месеци. Не може веднаш да почне да се применува бидејќи потребно е да се извршат подготовки за примена на новиот закон, да се одржат советувања, судии да се запознаат, да се едуцираат итн. Додека да стапи на сила сигурно ќе треба најмалку година и пол од сега. А, до тогаш да се чека со овие дела за злоупотреба и со овие казни, мислам дека не е рационално“, вели Камбовски за Радио Слободна Европа.

Камбовски, кој е експерт од областа на кривичната материја и министер за правда на крајот на 90-тите години, ја предводеше работната група што го подготвуваше предлогот за нов Кривичен законик. Дел од неа беа и претставници на граѓанскиот сектор од Блупринт групата за реформи во правосудство.

Од Коалицијата Сите за правично судење, дел од оваа група невладини, потенцираат дека државата треба да научи лекција оти не процесите и измените не треба да бидат брзи само за да се каже дека се реализираат агенди и стратегии. Сепак, во конкретниот случај и тие се став дека најавените измени се неопходни.

„Повеќе од неопходно е да се направат измени за да се заострат казните кои беа намалени со измените во 2023 година, а кои казни и те како влијаат на борбата против корупцијата. Со оглед дека новиот КЗ кој се очекува да се донесе сè уште не е во собраниска процедура, важно е да се направат поскоро измени со кои би се вратиле старите казни за овие кривични дела“, вели Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Ќе се зголемува и опфатот за конфискација

Подготвувањето на предлог-измените е во почетна фаза и е во рацете на работна група во рамки на Министерството за правда од каде велат дека „за многу скоро пред Владата ќе излезат со целосно оформено законско решение“.

Содржината не е финализирана, но насоките во кои ќе се движат се познати и пообемни од само враќање на старите казни.

„Тенденцијата е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика преку зголемување на постојните казни за кривичните дела злоупотреба на службена положба и овластувања. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на некои нови кривични дела кои се резултата на современото општество и технологија“, велат од Министерството за правда.

Нема поправање на штетата

Меѓутоа, најавените измени нема да ја поправат штетата туку ќе превенираат штета во иднина. Оние што се спасија со застарување на делата поради намалувањето на казните што беше направено во септември 2023, се спасија и враќање назад нема. Ќе се спасат и сите они што би се гонеле во иднина додека да се донесат измени, што значи заострените казни најмногу ќе се однесуваат на актуелните и идните државни функционери.

Петковска потенцира дека во правниот систем на Северна Македонија е предвидено да се применува законот што важел во времето на извршувањето на кривичното дело, а ако е изменет законот ќе се применува онаа верзија што е „поблага“ за сторителот.

„Со оглед на ваквото уредување, тоа значи дека иако во иднина ќе бидат направени измени на Кривичниот законик, сепак за овој временски период во кои се отворени кривични постапки ќе важат сегашните одредби односно ќе се применува поблагиот закон“, додава таа.

Старите казни, на пример, во еден од ставовите за делото злоупотреба на службената положба предвидуваа затворска казна од најмалку три години, а во друг од најмалку пет. Но, со измените се воведе горна граница, па санкцијата од најмалку три години стана „затвор од една до четири години“, додека таа од „најмалку пет“ се избриша.

Слично беше направено и со делото за несовесно работење во служба каде во еден став беше предвидена казна од најмалку три години која се замени со санкција од шест месеци до пет години.

Драстично намалување во септември 2023 беше воведено и за делото злосторничко здружување. Дотогаш, затворските казни во зависност од ставот на овој член од Кривичниот законик беа „од една до десет години“ и од „шест месеци до пет години“, а со измените тие се намалија до три односно до две години.

Воведувањето на горна граница и намалувањето значеше и скратување на рокот за застарување на овие кривични дела што во пракса значеше спас од прогон за бројни поранешни функционери.

Ваквиот потег на тогашната власт беше остро критикуван и од Брисел кој во извештајот за напредокот на земјава изрази сериозна загриженост бидејќи измените ја „попречиле способноста да истражуваат и гонат такви кривични дела“.

За нов Кривичен законик, 6,4 милиони евра од ЕУ

Новиот Кривичен законик, пак, кој е преведен на англиски јазик и испратен во Брисел, кога ќе се добие мислење од Европската комисија ќе се стави на јавна расправа и ќе се вметнат мислењата од ЕК, по што ќе се пушти во владина и собраниска процедура.

Тој, според нацрт верзијата, предвидува построги казни за злоупотреби.

„Не само што предвидува туку посебно го издвојува како посебно кривично дело и она злоупотреба при вршење на јавни набавки како посебно дело“, потенцира Камбовски.

Од Министерството за правда велат дека ќе биде усогласен со европските политики за борба против организираниот криминал и корупцијата.

„Што се однесува до новините кои би можеле да се очекуваат во Кривичниот законик, тоа ќе бидат промени кои ќе ги модернизираат и унапредат постоечките процедури, како и појаснување и детално регулирање на одредени кривични дела. Едно од клучните прашања е унапредување на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, што е во согласност со напорите за борба против корупцијата и организираниот криминал“, велат од Министерството за правда.

Дополнително, потенцираат оттаму, ќе има и нови кривични дела кои се однесуваат на финансиските криминал.

Нов Кривичен законик е и обврска која Северна Македонија ја презеде со реформската агенда во рамки на Планот за раст на Западен Балкан усвоен од Советот на ЕУ. Рокот кој е поставен во агендата е декември 2025 година, до кога треба да се донесе и нов Закон за кривична постапка (ЗКП).

Ако бидат донесени според агендата, ЕК за двата закони ќе и исплати на државата речиси 13 милиони евра (по 6.422.435 евра за КЗ и за ЗКП).

Планот за раст ги опфаќа сите шест земји од Западен Балкан, се однесува на периодот до 2027 година и предвидува вкупно шест милијарди евра за регионот. Од колачот, Северна Македонија треба да добие 750 милиони.

Исплатите ќе се вршат два пати годишно, а тие се условени со спроведување на реформите предвидени во агендите за секоја земја.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Детектор

Детектор анкета: Мерките за замрзнување не даваат ефект, граѓаните ги обвинуваат маркетите за инфлацијата

Најголем дел од парите граѓаните ги трошат на храна. Дека половина од платата им оди …