Стармер бара земји што ќе ги прифатат бегалците од Британија

Стармер бара земји што ќе ги прифатат бегалците од Британија

Велика Британија е во преговори со повеќе земји за создавање „центри за враќање“ на одбиени баратели на азил. Ова го најави британскиот премиер Кир Стармер кој од четвртокот е во Тирана, а каде денеска присуствува и на самитот на Европската политичка заедница.

„Во тек се разговори со повеќе држави за воспоставување вакви центри за враќање“, рече Стармер на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Стармер е под силен притисок да го намали бројот на имигранти во неговата земја, особено нелегалните мигранти кои пристигнуваат на британските брегови, многумина со мали чамци, поради растечкиот рејтинг на крајнодесничарската, антиимигрантска партија „Реформа“ на Најџел Фараж.

Обидот на Стармер да издејствува ваков договор со Албанија, која веќе има сличен договор со Италија, беше децидно одбиен од албанскиот премиер Рама.

„Моделот што го донесовме во Албанија во соработка со Италија е модел што бара време да се тестира,“ додаде Рама. „Ако се покаже успешен, може да се реплицира – но не во Албанија, туку во други земји од регионот.“

Македонија се приклучува во групата на Британија

Стармер не кажа кои други земји се планираат како можни кандидати за британската иницијатива, но најави проширување на Заедничката работна група за миграција на Западен Балкан, формирана со Албанија и Косово, која сега ќе ги вклучи и Северна Македонија и Црна Гора.

Ова проширување ќе овозможи подобра размена на разузнавачки информации за пресретнување на шверцерски мрежи, како и користење на британски дронови за фаќање криминалци кои шверцуваат мигранти преку Балканот кон Обединетото Кралство.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во петокот најави дека ќе потпише договор за стратешко партнерство со Велика Британија, за време на самитот во Тирана. Детали од договорот засега не се познати.

Прочитајте повеќе

Аларм од ЗЕЛС: Во Македонија недостигаат над 400 пожарникари

Аларм од ЗЕЛС: Во Македонија недостигаат над 400 пожарникари

Северна Македонија има двојно помалку пожарникари од законски предвидените норми, а се провлекува и проблемот со недостиг …