Државната комисија за спречување на корупцијата двапати овој месец ги повика Судскиот совет и Советот на обвинители да ги отповикаат членовите што ги номинираа во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители. Мандатот на новиот состав на УО на Академијата почнува в петок, но препукувањата продолжуваат.
На 29 ноември (петок) ќе почне со работа новиот состав на Управниот одбор(УО) на Академијата на судии и јавни обвинители, во атмосфера во која се оспорува мандатот на двајца нови членови како противзаконски, како и по низа скандали што ја следеа оваа институција во изминатите години.
Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК) двапати овој месец ги повика Судскиот совет и Советот на обвинители да ги отповикаат членовите што ги именуваа во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители затоа што смета дека именувањето е незаконско.
Денеска (27.11) за ова прашање одлучуваше Советот на јавни обвинители. Одлуката е едногласна, дека нема да ги повлече своите членови.
Според Советот на јавни обвинители, „одлуката на ДКСК е контрадикторна и со формално правни недостатоци“.
Судскиот совет, пак, веќе се изјасни дека смета дека не го прекршил законот. Соопштија дека постапиле законски кога номинирале свои членови во УО на Академијата. За Советот оправдувањето е во тоа што номинираните членови од Судскиот совет се од редот на судиите, па со тоа е исполнет условот Советот да номинира судии за член на Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители.
Од граѓанската организација Коалиција „Сите за правично судење“ велат дека ваквите одлуки на Советот на јавни обвинители и на Судскиот совет дополнителнo влијаат врз намалување на довербата во судството.
Според анкета на ИРИ од 2023 година, доверба во овие судството и во обвинителството имаат по еден отсто граѓани.
Што е спорно?
Двата Совети, наместо да номинираат судии и јавни обвинители, номинираа членови на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители.
Советот на јавни обвинители на 29 октомври за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители ги избра своите членови Душица Димитриеска и Башким Бесими, а за заменици Татјана Кацарова и Теута Рамадани.
Димитриеска е и претседателка на Советот за јавни обвинители.
Судскиот совет на седницата на 24 октомври за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители го номинира членот на Советот Ханиф Зендели, а за негов заменик Тодор Поп Панев, судија на Апелација Штип. За втор член на УО е номинирана Антоанета Димовска, исто така член на Судскиот совет, а за нејзин заменик е номинирана Емељ Кранли Али, судија на Основен суд Ресен.
Според ДКСК, законот спречува член на Судскиот совет или на Советот на обвинители истовремено да извршува и друга функција.
„Законите важат подеднакво за сите. Секој е должен да го почитува Законот за спречување на корупција и судир на интереси, вклучувајќи ги и правосудните органи“, соопштија од Антикорупциската комисија.
Ризик од корупција и судир на интереси
Првото укажување дека незаконски се номинирани два члена на Управниот одбор на Академијата, ДКСК го упати веднаш по објавувањето на номинациите пред околу три недели, но по него не беше постапено.
И според Коалицијата „Сите за правично судење“, назначувањата се извршени без јасни аргументи и образложенија, во што гледаат ризик од корупција и судир на интереси.
„Начинот на кој овие членови се избрани многу кажува за Судскиот совет и за Советот на јавни обвинители, затоа што тие подолг период прават серија грешки и секоја следна грешка е посериозна од претходната. Овие одлуки влијаат врз намалување на довербата во судството и се урива и репутацијата на самата Академија, почнувајќи од начинот на кој беше избрана директорката и на кој се бира Управниот одбор“, изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“ за РСЕ.
Според Коалицијата, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители ќе можат да одлучуваат за истите кандидати за Академијата за судии и јавни обвинители во секој од поставените филтри- прием на Академијата, завршување на почетната обука, а потоа и за конечен избор на кандидатите како судии или јавни обвинители. Поточно – да одлучуваат за приговорите на кандидатите, а истовремено да одлучуваат и во рамки на Советите за избор на тие кандидати за судии или јавни обвинители.
Новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, беше избрана на средината на октомври, со тајно гласање, со заокружување на еден или повеќе од седумтемина кандидати на избирачките ливчиња, процедура која беше договорена по стартот на седницата, но без присуство на јавноста – начин кој исто така беше оспоруван од дел од стручната јавност.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека Советот на јавни обвинители и Судскиот совет извршиле класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители со номинации на лица блиски до СДСМ.
Можна ли е департизација во судството и во обвинителството?
Академијатата за судии и обвинители е институција која беше формирана за да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството. Академијата постои од 2006 година и таа е единствениот пат по кој некој може да стане судија или обвинител.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ уште во предизборната програма пред изборите во мај минатата година најави реформа која може да доведе до поделба на Академијата на две академии – една за судии и една за јавни обвинители. Партијата е со став дека Академијата со години беше извор на скандали со избор на синови, ќерки или блиски на високо позиционирани функционери на ДУИ и на СДСМ.
Од Министерството за правда за РСЕ велат дека засега не планираат законски измени за Академијата за судии и јавни обвинители.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, смета дека се потребни „коренити промени во судството“ и најави распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, доколку не добие подобри идеи за реформи во овие две тела.
Oценската мисија на Европската унија (ЕУ) во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.
По критиките во јавноста и по препораките од ЕУ, Мицкоски рече дека се подготвува ново законско решение, кое ќе значи департизација на овие тела преку кои се именуваат и се разрешуваат судии и јавни обвинители. Мицкоски на собраниска седница за пратенички прашања кажа дека е убеден оти сите пратеници ќе гласаат за една таква реформа што е препорака од Европската Унија, а доколку не се случи тоа, Владата ќе обезбеди двотретинско мнозинство, кое е потребно бидејќи станува збор за уставни категории.
Премиерот веќе објави дека за законот се консултирал со хрватскиот врховен судија Бранко Хрватин, кој беше шеф на Мисијата на ЕУ, која го скенираше Судскиот совет минатата година и му даде препораки за независно судство.
Извор: РСЕ