Агелер САД Амбасада

Ставањето лица на „црната листа“ на САД не е мешање во внатрешните работи на државата

Објавата е манипулативна сè со цел да ги претстави САД како корумпирани и подмитливи кои се мешаат во внатрешните работи на други држави. Секоја држава има право да прогласува одредени личности за непожелни во својата земја, односно да ги стави на црна листа, доколку има основи за тоа. Тоа во никој случај не значи дека таа држава се меша во внатрешните работи на друга држава, пишува Вистиномер.

Анализираме објава на Фејсбук која вели дека ставањето лица од Македонија на т.н. црна листа на САД било мешање во внатрешните работи на државата. Ваквото тврдење е невистинито.

Ова мешање во внатрешните работи на државата никако не можам да го сварам. И не е мешањето што ми смета туку двојните стандарди. Од една страна прават привид дека ѓоа се борат против корупција со ставање на луѓе на црна листа од друга тие се тие истите кои ги користеа и подмитуваа луѓето додека им требаа да се промени името и да се обезличи и понижи и државата Македонија и Македонскиот народ. И сега тие ќе солеле памет и ќе изиграваат судии додека нивниот претседател си го помилува син му со донесена правосилна одлука за затворска казна. МРШ море од вакви дволични странски ѓубриња и гладните за пари домашни предавници ги загубивме и државата и народот!, стои во објавата.

На 9 декември 2024 година, американскиот Стејт департмент ги стави на „црна листа“ поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети. Како што објавија оттаму, Груби и Беџети се најдоа на листата поради вмешаност во значителна корупција, конретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

Согласно членот 7031(в), Стејт департментот јавно ги означува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на Северна Македонија. Мијалков беше означен (ставен на црната листа, н.з) во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а OФАЦ (OFAC) го санкционираше според Е.О. 14033“, се наведува во соопштението на американскиот Стејт департмент.  

Како што објави Мета, тринаесет истакнати лица од земјава се наоѓаат на неславната т.н. „американска црна листа“. Всушност, не станува збор за еден список на непожелни, туку за неколку листи на санкции на САД насочени против поединци и бизниси вклучени во корупција или нарушување на човековите права.

На овие листи со децении се наоѓаат и лица од земјава поради наводи за корупција и поткопување на демократските процеси, а меѓу нив се наоѓаат политичари, поранешни премиери и министри, градоначалници, судии. САД ги санкционираат таквите поединци како дел од нивните напори за промовирање одговорност и борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан.

Оваа листа содржи поединци и ентитети на кои им е ограничено правото за правење бизнис во САД поради врски со тероризам, трговија со наркотици или, пак, кршење на човековите права. Средствата на оние што ќе се најдат на оваа листа може да им бидат блокирани, добиваат забрани за патувања во САД, додека на американските граѓани им е генерално забрането да соработуваат со нив.

Ставањето на личности на црната листа на САД во никој случај не може да се смета за мешање во внатрешните работи на државата, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме. Тоа, всушност, го потврдува и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер која во интервју за „Слободен печат“ посочува дека целта на Соединетите Држави, ставајќи некого на листата според кој и да е закон, е соодветна и затоа што тоа го бара нивниот закон.

Американскиот закон вели дека кога сме свесни за дела на корупција што се штетни за националните интереси на која било земја, тогаш од нас се бара да ги назначиме според таа категорија на закон. Така, ова не е обид за мешање или за насочување кон нешто во оваа земја или во која било друга во која ние исто така вклучуваме луѓе (на црната листа). Како и да е, тоа е механизам што многу други земји го сметаат за корисен кога Соединетите Држави составуваат случај, а ние тоа го правиме многу, многу внимателно, многу темелно и со големо внимание на она што законот го бара како доказ. Кога ние ги вклучуваме тие луѓе, многу земји сметаат дека е корисно за да го надградат тоа и да преземат чекоривели Агелер. 

САД на црната листа ставаат и лица од други држави. На 6 ноември 2022 година на оваа листа, на пример, се најдоа претседателот на Федерацијата БиХ Маринко Чавара и министерот за здравство на Република Српска Ален Шераниќ.

Русија, исто така, има своја црна листа. Во август 2022 година на руската црна листа се најдоа 62 канадски државјани, меѓу нив и вработени во МНР и во кабинетот на вицепремиерката Кристи Фриленд. Претходно Русија прогласи за персона нон грата 14 бугарски дипломати како одговор на протерувањето на 70 руски дипломати од Амбасадата на Русија во Софија на крајот на јуни истата година.

Секоја држава има право да прогласува одредени личности за непожелни во својата земја, односно да ги стави на црна листа, доколку има основи за тоа. Тоа во никој случај не значи дека таа држава се меша во внатрешните работи на друга држава.

Македонија има закони, има судство и е самостојна држава, која самостојно одлучува дали ќе поведе судски процес против некого или не. За тоа не можат да одлучуваат ниту САД, ниту Русија, ниту било која друга држава.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека САД подмитувале луѓе додека им требале да се промени името и да се обезличи и понижи и државата Македонија и Македонскиот народ, за истото нема никакви докази.

Името на државата беше сменето со потпишување на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција со посредство на ОН, на 17 јуни 2018 година. Со договорот Македонија го прифати новото име „Северна Македонија“ за севкупна употреба.

Законот за ратификација на Преспанскиот договор во Собранието на Македонија беше гласан два пати, еднаш на 20 јуни 2018 година и на 5 јули истата година, откако претседателот Ѓорге Иванов првично одби да го потпише. Тој истото го стори и откако Законот со 69 гласа „за“ беше повторно изгласан во Собранието. По неколку месеци чекање, на 14 јануари 2019 г. Законот беше објавен во „Службен весник“ само со потписот на собранискиот спикер, Талат Џафери.

На 11 јануари 2019, со 81 глас „за“ Собранието ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие станаа дел од Уставот. Со амандманот 33, зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“.

Како што може да се види, сите овие постапки беа внатрешни прашања и се спроведуваа внатре во институциите врз системот. Точно е дека имаше тврдења за притисоци врз пратеници на ВМРО-ДПНМЕ  да гласаат за промена на името со цел да избегнат кривична одговорност заради настаните од 27 април 2017 година кога се случи насилството во Собранието на РМ, но обвинувањата за ова беа насочени кон тогашната власт на СДСМ, а не кон САД. САД не беа спомнати во контекст на подмитување на било кого во земјава, а камоли, пак, за такво нешто некој да изнесол докази. Според ова, не може да се тврди дека САД подмитувале политичари за да се смени името на државата. За тоа нема никакви докази, а името на државата беше сменето со ратификација на Преспанскиот договор во Собранието.

Објавата, исто така, ги доведува во корелација одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да го помилува својот син Хантер Бајден и ставањето лица од С. Македонија на црната листа на Стејт Департментот, што нема никаква врска едно со друго.

Уставот на САД вели дека претседателот има моќ да даде помилување, што вклучува помилување, амнестија, ублажување и одложување.

Помилувањето ги ослободува поединците од федерални кривични дела и ги враќа сите граѓански слободи и права, додека ублажувањето ги намалува казните без целосно да ги отстрани. Амнестијата е исто како и помилувањето, но се проширува на група поединци. Оваа моќ потекнува од англиското право, каде што кралот можел да покаже милост кон секого, а подоцна е пренесено преку Атлантскиот Океан до северноамериканскииот континент. Американските претседатели често го користат ова овластување.

Вакво овластување имаат и македонските претседатели и тоа не е ништо невообичаено.

Во изјавата на Белата куќа, на 1 декември 2024 година, Бајден ја објави својата одлука да го помилува неговиот син Хантер Бајден.

Бајден објасни дека оваа одлука е донесена како одговор на, како што рече, политички мотивиран напад, организиран од неговите противници, за да му наштети на неговиот углед.

Обвиненијата во неговите случаи се појавија дури откако неколку мои политички противници во Конгресот ги поттикнаа да ме нападнат и да се спротивстават на мојот избор. Ниту еден разумен човек кој ги разгледува фактите за случаите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен тоа што Хантер беше издвоен само затоа што е мој син – и тоа е погрешно, рече Бајден во изјавата.

Не е невообичаено американските претседатели да ја користат оваа моќ за да помилуваат или да ја ублажат казната на член на семејството, пишува Ал џезира.

Во последните недели на функцијата во 2021 година, Доналд Трамп донесе одлуки за околу 100 помилувања. Меѓу луѓето кои ги помилувал бил и Чарлс Кушнер, таткото на неговиот зет Џаред Кушнер.

Во 2005 година, Кушнер беше осуден на две години за затајување данок, нелегални донации во кампањата и манипулација на сведоци.

Поранешниот претседател Бил Клинтон пред крајот на вториот мандат го помилува својот полубрат Роџер. Во 1985 година, Роџер Клинтон Јуниор беше осуден за обвинение поврзано со кокаин и осуден на повеќе од една година затвор откако ја призна вината за заговор за дистрибуција.

Помилувањата на претседателот на САД немаат никаква врска со ставањето странски лица на црната листа на Стејт Департментот. Секоја земја одлучува дали ќе стави странци на црна листа и интерните претседателски помилувања немаат врска со тоа. Лицата кои се на црната листа немаат право да влезат во САД, да прават бизнис и толку. Ваквата постапка не повлекува судско гонење или кривична одговорност во САД.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата е манипулативна, содржи редица неточности, повелкува паралели и прави споредби меѓу неповрзани настани кои немаат ништо заедничко и се случуваат во две сосема различни земји, заради што оценуваме дека ѝ недостига контекст.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

маркет храна цени

АНАЛИЗА: Глобалните цени на храната во пад, а дома растат

Анализата на Порталб покажа дека ланската година, за нашите граѓани била сепак инфлациски тешка со …