Стефанова: Панделески и Камчев се обидоа да вршат влијание врз истрагата за случајот „Империја“

Стефанова: Панделески и Камчев се обидоа да вршат влијание врз истрагата за случајот „Империја“

Обвинителката Лиле Стефанова од СЈО, реагираше јавно по објавата на новите снимки во италијанскиот десничарски медиум „Ла Верита“. Таа вели дека во август минатата година, осомничените Цветан Панделески и Јордан Камчев во случајот „Империја“, се обиделе да влијаат на предистрагата на Специјалното јавно обвинителство.

„Во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители“, вели Стефанова.

Таа додава оти е целосно невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка и дека целта на споменувањето на нејзиното име е да биде дискредитирана како обвинител кој ја води постапката токму против Камчев.

„Во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од мене лично не побарало ништо во врска со овој предмет ниту пак ми било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева“, пишува обвинителката Лиле Стефанова.

Таа вели и дека во втората половина на декември минатата година, изразила несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот „Империја“, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор.

Стефанова појаснува и дека во март годинава не се согласила и со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање на привремен пасош на Цветан Панделески, но тој сепак добил таков пасош.

„Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење“, напиша обвинителката Лиле Стефанова.

Бизнисменот Ванчо Чифлиганец, пак, исто така реагираше и отфрли секаква можност за негова вклученост во криминал.

„Би сакал одговорно да ѝ соопштам на јавноста дека таков наводен разговор во врска со некакво барање кон едно од лицата што се јавуваат во снимката, се нема случено, бидејќи, без исклучок, не сум таков човек кој влегува во такви разговори. Мојот животен пристап секогаш бил да помагам на луѓе во согласност со законските прописи. Безпредметно е, дури и попатно споменување на моето име“, напиша Чифлиганец.

 

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …