На годишнината од вооружениот напад на косовската полиција во Бањска, американскиот Стејт департмент ја повика Србија да ги изведе пред лицето на правдата сите инволвирани во планирањето и извршувањето на тој напад.
„Го повторуваме нашето очекување Србија да ја одигра својата улога во обезбедувањето целосна одговорност за сторителите на нападот без понатамошно одлагање“, рече портпаролот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Пред точно една година, на 24 септември 2023 година, вооружена група предводена од поранешниот српски политичар и бизнисмен од Косово, Милан Радоичиќ, ја нападна косовската полиција во селото Бањска кај Звечан.
Радоичиќ јавно ја презеде одговорноста за нападот, во кој загина полицаецот Африм Буњаку, а уште тројца беа ранети.
Во размената на огнот загинаа и тројца српски напаѓачи.
Владата во Приштина овој напад го прогласи за терористички.
Радоичиќ се соочува со обвиненија за тероризам во Косово, заедно со уште 44 лица. Обвинението претходно беше поздравено од меѓународната заедница.
Властите во Србија, пак, одбиваат да го екстрадираат Радоичиќ на Косово и велат дека ќе му судат „српски судови“, додека косовските власти обвинуваат дека Белград го заштитува.
Вишото јавно обвинителство во Белград води истрагата, но обвинението сè уште не е покренато. Официјален Белград и Приштина не соработуваат во овој случај.
Извор: РСЕ