Според најновите податоци на француското Министерство за образование, околу 100 училишта претрпеле сериозни штети за време на протестите на средношколците во Франција, кои оваа недела ескалираа во улично насилство, при што биле повредени 40 директори на училишта.
Незадоволството на учениците опфаќа низа прашања: од преоптоварени распореди и преполни училници, до недостиг на наставен кадар и неподносливи температури за време на топлотните бранови претходно оваа година. Полицијата за разбивање немири е распоредена за да се справи со протестите кои стануваат сè понасилни.
Од почетокот на протестите се приведени речиси 3.000 средношколци на возраст меѓу 15 и 18 години, вклучително и 1.949 само во четвртокот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
За време на вчерашниот разговор со локалните обвинители, министерот за правда Жералд Дарманен побара од нив да поведат постапки за граѓанска одговорност, со цел родителите финансиски да одговараат за штетите предизвикани од нивните деца.
Во меѓувреме, министерот за образование Едуар Жефре побара помош од родителите, предупредувајќи дека децата се во опасност на улиците. Сепак, нема знаци за смирување на тензиите, а првите инциденти се пријавени во близина на гимназијата „Жан-Ростан“ во Стразбур и гимназијата „Симон-Вејл“ во Марсеј. Денес остануваат затворени околу 400 училишта.
Се очекува штетите од протестите оваа недела да достигнат стотици милиони евра, при што регионот Оверњ-Рона-Алпи пријави штети во вредност од 25 милиони евра.
Недостиг на наставници, преполни училници, недостиг на столчиња и дотраени училишни згради, поплаките на француските средношколци се реални и поддржани од нивните наставници.
Министерот за образование Едуар Жефре на почетокот призна дека некои од барањата на учениците се легитимни. Еден наставник од департманот Жиронд ја сумираше ситуацијата велејќи: „Нивните барања се исти како и нашите“. Сепак, дел од насилството и штетите во изминатите неколку дена беа навистина шокантни. Тинејџери се здобија со повреди на очите, а еден од нив ги загуби забите додека полицијата, користејќи опрема за разбивање немири, интервенираше на протестите во кои главно учествуваа тинејџери.
Повредени се и полицајци, како и десетици директори на училишта. Еден наставник во Анже беше тешко повреден откако беше удрен по главата со железна шипка, напаѓачите, по сè изгледа, не биле од училиштето.
Сега, прашањето е како да се запре насилството, исто толку колку и како да се решат проблемите со недостигот на кадар во средните училишта. Кризата има и длабока политичка димензија, со оглед на тоа што претседателските избори се близу, што дополнително ја отежнува задачата на владата.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место