Стотици илјади граѓани на протестот во Белград

Стотици илјади граѓани на протестот во Белград

Во главниот град на Србија, денеска се одржува протест на кој повикаа студенти кои веќе три и пол месеци ги блокираат факултетите ширум земјата.

Главната програма започна на белградскиот плоштад Славија, со говори на студентите.

„Погледнете колку сме. Нека вашиот глас ја разбуди Србија“, им рече еден студент на насобраните.

Голем број граѓани се уште се кај Собранието на Србија и низ околните улици.

Фoтографија од дрон од протестот во Белград
Фoтографија од дрон од протестот во Белград

Симболот „црвена тупаница“ е видлив и на протестот организиран од студенти во Белград.

„Црвената тупаница“ стана симбол на протестите кои следеа по падот на настрешницата во Нови Сад.

Тој ги симболизира „крвавите раце“, повикувајќи на одговорност за смртта на 15 лица при падот на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад.

Движење на демонстрантите во центарот на Белград
Движење на демонстрантите во центарот на Белград

Просторот пред Собранието е ограден. Напред стојат стражари и толпата не може да се приближи до зградата.

Претседателот на Народното собрание на Србија ден пред протестот најави дека зградата на парламентот ќе биде затворена до 17 март, од безбедносни причини.

Протестот во Белград се одржува по масовните собири организирани од студентите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Со денови претходно, студентите пешачеа од неколку правци кон Белград, каде пристигнаа во петокот вечерта.

Студентите кои блокираа десетици факултети во Србија денеска во објава на Инстаграм повикаа на мирен митинг.

Тие побараа од граѓаните кои доаѓаат на протестот да не влегуваат во физички и вербални конфликти.

„Ве молиме следете ги упатствата на нашите редари. Не излегувајте надвор од одредените граници на нашиот собир“, рекоа студентите во објавата.

Здружението на новинарите на Србија (УНС) ги повика српските државни органи да дозволат странски новинари да влезат во земјата и непречено да ја вршат својата новинарска работа на протестот во Белград.

Во соопштението на УНС се наведува дека организацијата протестира бидејќи вчера и денеска одредени новинари од Хрватска и Словенија биле спречени да известуваат од протестите во Белград.

На новинарката на РТЛ од Хрватска, Ива Анзуловиќ денеска и беше забранет влез во Србија, а утрово беше вратена од граничниот премин со образложение дека претставувала безбедносна закана. Српската полиција го спречила и словенечкиот новинар на ПОП ТВ Марко Грегорац да влезе во земјата“, се вели во соопштението.

Вучиќ: Уверен сум дека денеска ќе ги издржиме сите притисоци и напади

Во пресрет на протестот во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека е уверен дека „мирот и стабилноста ќе се зачуваат“.

„Убеден сум дека денес ќе ги издржиме сите притисоци, сите напади, дека ќе ги зачуваме мирот и стабилноста. И тогаш ќе градиме и ќе победиме во иднина“, порача Вучиќ на Инстаграм.

„Луѓето имаат различни соништа. Некои сонуваат да урнат нешто, а некого, други да градат. Верувам дека мнозинството српски граѓани сакаат да изградат подобра и поуспешна Србија“, рече Вучиќ во саботата, на 15 март.

Владините претставници ги обвинија организаторите дека планирале насилство на 15 март и најавија апсења, но студентите тоа го негираа.

Вучиќ изјави дека не се планира воведување вонредна состојба доколку не се случи голем напад врз безбедносните сили.

Студентите бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница на неодамна реконструираната Железничка станица во Нови Сад. Трагедијата се случи пред три месеци, на 1 ноември.

Бараат и да се гонат одговорните за нападите врз нив и другите граѓани за време на протестите.

Владата на чело со Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети. Студентите и академската заедница го отфрлаат ова како лажно.

ЕУ будно ги следи случувањата во Србија

Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Србија, заедно со амбасадите на земјите-членки на ЕУ во Србија, соопштија дека Брисел „внимателно ја следи“ актуелната политичка ситуација во Србија.

Соопштението беше објавено на 14 март, ден пред најавениот протест во главниот град кој повикаа студентите кои веќе три и пол месеци ги блокираат факултетите низ Србија.

„Слободата на собирање е фундаментално право што треба да се заштити и да се остварува на мирен начин, истовремено обезбедувајќи ја безбедноста на учесниците и институциите. Мора да се избегне насилство“, наведува Делегацијата на ЕУ во Србија.

Во соопштението се додава дека „ЕУ останува посветена на поддршката на напорите на Србија за напредок на нејзиниот пат кон Европската унија“.

ЕУ повика на „вистински дијалог“ со вклучување на сите засегнати страни во Србија во контекст на унапредување на реформите и зајакнување на владеењето на правото.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Илјадници вработени останаа без плата за Велигден, Владата мува не ја лази

Илјадници вработени останаа без плата за Велигден, Владата мува не ја лази

Соопштение за јавност на СДСМ Наместо вработените во низа институции да слават достоинствено Велигден, тие …