За вкупно 244 милиони евра е оштетен буџетот изминатава деценија, покажува анализата Радио Слободна Европа на 30 високо профилни судски случаи. Обвинителите побарале од судот да им се конфискува имот на десетина обвинети во вредност од околу 62 милиони евра, а Судот одобрил конфискација во 5 предмети вредна 49 милиони евра. Становите на Груевски уште чекаат одлука од Влада
Речиси 62 милиони евра би можела да „тежи на хартија“ Агенцијата за конфискуван имот, доколку судот ги прифател барањата на обвинителите за заплена на имотот стекнат со криминал, покажува анализата на Радио Слободна Европа на 30 високо профилни судски случаи во последните 10 години.
Според анализираните предмети, Судот во пет од 30 судски случаи пресудил од бараните 62 милиони да се конфискува имот во вредност од 49 милиони евра. Доколку до сега се наплателе овие пари, државата би можела со нив, на пример да плати камата за првите три години од унгарскиот кредит, или да изгради најмалку 30 нови училишта.
Станува збор за пресуди со конфискација кои и по неколку години од правосилност се уште не се во целост реализирани и наплатени. Тоа се пресудите во предметите „Империја“ во која осудени беа поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков и бизнисменот кој е на американската црна листа Јордан Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски за „Плацевите на Водно“, бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ , поранешните разузнавачи кои се бегство Никола Бошкоски, Тони Јакомоски и Горан Грујевски и соптвеничката на фирма Вера Иванова во предметот „Диамед“.
Но, во реалноста, банкарската сметка на Агенцијата е далеку „потенка“.
Вкупно 11,3 милиони евра уплатија на буџетска сметка Мијалков и Камчев во 2022 година. Потоа требаше да се продадат недвижниот имот и банкарските акции кои беа дел од конфискацијата. Но, две години подоцна голем дел од нив се уште не се продадени. Дел од нив чекаат одлука на Влада за спроведување на аукција.
На Мијалков му беше конфискуван имот во вредност од 15 милиони евра, но иако државата се надеваше дека со продажба на имотот ќе наплати 21 милион евра, тоа не се случи и вкупната наплатена сума е далеку под очекуваното.
Од Агенцијата за конфискација на имот во 2023 година се жалеа во јавноста дека имаат притисоци од Мијалкови да не ги продаваат конфискуваните станови. Три стана кои Бирото за вештачење ги процени на 330.200 евра, на јавно наддавање ги купила фирмата Бест веј инвесмент, сопственост на неговиот син Јордан Мијалков.
Овие станови, кои се наоѓаат на Водно, на улицата Славејко Арсов, во непосредна близина на куќата на Сашо Мијалков, беа конфискувани во случајот „Империја“.
Од сиот запленет имот, на Мијалков, досега се продадени два апартмана во Охрид и градежно земјиште во селото Радња (меѓу Демир Капија и Кавадарци) вредни 250 илјади евра и три стана и една гаража во износ од 332 илјади евра, или во буџетот се вратени речиси 600 илјади евра од продажба.
Становите на поранешниот премиер Груевски се уште не се понудени на пазарот со недвижности. Ниту претходната, ниту сегашната влада не дала согласност за нивна продажба, иако пресудата е веќе година и пол правосилна. Нивната проценета вредност изнесува 1,9 милиони евра.
Друг имот, кој Груевски го делеше со неговиот братучед Мијалков, плацевите на Водно, се уште е во државна сопственост. Според истражувањето на „Бирн Призма“, Општина Центар бара да се избришат градежните маркички за хациендите, но Агенцијата инсистирала тие да останат градежни парцели.
Најголемата конфискација предвидена со судска пресуда од 17 милиони евра во предметот „Труст“ каде што осуден беше бизнисменот Сеад Кочан за незаконски тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола во 2011 остана заглавена во правните процедури. Стечајна постапка му „спаси “ голем дел од имотот на Кочан кој со години не можеше да се впише во сопственост на државата. Агенцијата тогаш тврдеше дека оваа конфискација е неизвршлива.
Следна по големина конфискација која чека правосилна пресуда е за случајот „Диамед“ во кој, според обвинението, целта на Иванова било да добие монопол на пазарот со 20-годишна лиценца и повеќекратно зголемување на вредноста на нејзиниот удел наместо вршењето дијализа.
Конфискацијата изнесува над 11 милиони евра. Според првостепената пресуда, државата од Иванова треба да конфискува 3,2 милиони евра, додека од правно лице инволвирано во случајот одредена е конфискација од 8,2 милиони евра.
Лани агенцијата продала имот вреден 1,6 милиони евра
Само минатата година Агенцијата успеала да „инкасира“, 1,6 милиони евра од продажба на имот кој со судска пресуда станал сопственост на државата.
На 13 февруари 2024 бил објавен последниот оглас за продажба на конфискуван имот од страна на Агенцијата за управување со одземен имот. Тогаш за продажба биле огласени седум возила. Оттогаш огласи за аукции и продажба на движен и недвижен имот, запленет со судска пресуда нема.
Причина за тоа била изборната 2024 година и смената на раководството на Агенцијата, изјави неодамна новата директорка Ирена Илиевска.
Ниту Владата во изминативе 6 месеци не дала согласност за продажба на одземен имот со судска пресуда, покажуваат податоците од Службен весник. Според нив, на владина седница оваа Агенција била само два пати спомената, еднаш при смена на поранешниот директор Дритон Небиу, и втор пат при промена на членовите на управниот одбор.
Последната одлука за согласност за продажба на одземен имот е со потпис на поранешниот вицепремиер Артан Груби на 13 февруари минатата година. Тогаш на дневен ред се нашол плацот на Мијалков во селото Морани, близу Студеничани, чија вредност била процената на 200 илјади евра.
Ова се само дел од предметите за кои судот досудил конфискација на имот, затоа што бил стекнат со криминал. Според статистичките податоци на невладината организација„ Сите за правично судење,“ судовите во помалку од една петтина од анализираните предмети досудуваат конфискација на имот.
Но, проблемот не лежи само во малиот број на пресуди со конфискација на имот. Голем дел од предметите во кои државата беше оштетена не добија судски епилог.
За една деценија државната каса оштетена за 244 милиони евра
Податоците за 30-те високо профилни судски предмети кои ги анализиравме, покажуваат дека во изминативе десет години, од македонскиот буџет во „приватни џебови“ завршиле најмалку 244 милиони евра.
Пари што нема да се вратат во буџетот, затоа што во половина од тие предмети, настапи застареност на кривичните дела „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Во дел од предметите во кои не настапи застареност, како пречка, се исправија двајца обвинители од Вишото обвинителство со стопирање на постапките.
Според досегашната истрага, како што вели републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, четири предмети во кои штетата на буџетот изнесува околу 10 милиони евра, се заглавени во „фиока“ по жалбена постапка.
Против обвинителот во Вишото обвинителство Јован Цветаноски и неговиот шеф Мустафа Хајрулахи е покрената дисциплинска постапка, но и истрага затоа што се откажал од вложување на жалба на пресуда или се откажал од обвинение.
„Се работи за предмети коишто навистина се за големи износи. Едниот предмет е за околу 840 000 евра, а повлечена е жалбата. Вториот предмет е навистина за голема сума, се работи за околу осум милиони евра. Третиот и четвртиот предмет, ако се сумираа, можеби има вкупно за сите четири околу десет милиони евра, каде што жалбата е повлечена или повлечено обвинение. Имајќи предвид дека се работи за многу, многу високи износи, значи тоа само го направиле обвинителот кој е обработувач на предметот и вишиот јавен обвинител,“ изјави Коцевски во интервју за емисијата „360 степени“.
Ова не е прва дисциплинска постапка против Јован Цветановски. Против него во 2017 година, како заменик обвинител на тогашната шефица на скопското обвинителство Гордана Гешковска, беше покрената дисциплинска постапка за непреземање мерки по „крвавиот четврток “ по насилниот упад во Собранието на 27 април. Советот на јавни обвинители, по пет години „разгледување на дисциплинската постапка“ заклучи дека таа била задоцнета.
Големиот предмет за кој зборува Коцевски е „Поштенска банка“ во кој за перење пари и злоупотреба на службена должност беа обвинети бизнисмените Томе Главчев и Ратко Димитровски.
Првиот удар на овој предмет му го нанесе изменетиот Кривичниот законик со што застаре делото злоупотреба на службена должност. Обвинителот го преквалификува само во перење пари, но судијката проценила дека што застарела злоупотребата не можело да се гони за кривично дело „перење пари“. Смртната казна на овој предмет му ја препиша обвинителот од Вишото обвинителство, кој ја повлекол жалбата на судската пресуда.
Ова е еден од предметите што отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а потоа го презема републичкото јавно обвинителство.
Вториот голем предмет поради кој се води дисциплинска постапка против Цветкоски е „Талир 2“ во кој е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и седиштето во Белата палата, како и триесетина партиски штабови купени со забранети финансиски средства.
Од Апелацискиот суд, како второстепено судско тело каде што вишите обвинители преземаат мерки, не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа, во колку други предмети е повлечена жалба или прекината постапка по одлука на виш обвинител.
„Апелациониот суд во Скопје не води посебна евиденција ниту пак располага со статистички податоци за предмети кои произлегле од аферата за незаконското прислушување, а кои преминале во редовните обвинителства“, велат оттаму.
Државата може по четири основи да конфискува имот
Во Извештајот на Европската Унија за напредокот на земјава се посочува дека механизамот – конфискација на имот стекнат со криминал многу малку се спроведува во пракса. Според македонските закони, по четири основи државата може да конфискува имот.
1. Конфискација во кривична постапка
2. Проширена конфискација
3. Во даночна постапка
4. Во граѓанска постапка
Последнава постапка е по новиот закон кој е на сила од септември минатата година. За негово спроведување, односно за потекло на имот е надлежна Управата за финансиска полиција. Нејзиниот директор Слободан Ивановски во интервју за радио Слободна Европа изјави дека планира годинава екипирање на две специјализирани одделенија кои ќе работат на оваа проблематика.
„Пристигнати се две иницијативи од ОЈО ГОК до нас. Ние постапуваме по нив, вршиме првични проверки и утврдуваме нето износ на тој имот кој не може да се докаже дека е од законски извори“, изјави тој.
Од четирите вида на конфискација најмногу се применува таа во кривична постапка, односно кога државата станува газда на имотот од осудениот за кој е докажано дека е стекнат со кривичното дело. Но, меѓународните партнери и домашните невладини организации се незадоволни од спроведувањето во пракса на конфискацијата на имот.
Извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“ Дарко Аврамовски вели дека два клучни фактора влијаат врз лошите резултати при конфискацијата на имот во кривичната постапка. Првата е законската рамка заедно со сите нејзини недоречености и нејаснотии, и капацитетот на институциите навремено и квалитетно да го извршат конфискувањето а потоа и продажбата на имотот стекнат со криминал.
Тој објаснува дека од една страна, нејасно дефинираното во законот кој има обврска да бара конфискација остава простор за „слободно толкување и префрлање на топката “ меѓу судиите и обинителите.
Кога станува збор за вториот фактор, институционалните капацитети, недостасуваат пари, вештини и луѓе кои би можеле тоа да го работат.
„Јавните обвинителства имаат многу малку финансиски истражители на располагање за спроведување на независни истраги. Воедно, во државата не постојат експерти кои се занимаваат со т.н. „форензичко сметководство“, кои би можеле да го следат текот на нелегално стекнатиот имот, вклучително и неговото легално умножување“ вели Аврамовски.
На списокот со проблеми при конфискација на имот може да се додадат и пропустите во обвинението и неискористеноста на модерните технологии за брз пристап до информација и реакција.
„Многу често се случува јавнот обвинител во обвинението или истакнатото барање за конфискација да не го прецизира точниот имот кој кореспондира со вредноста на нелегално стекнатиот имот за истиот да биде одземен. Како резултат на ова, во самата пресуда е наведено само дека треба да се конфискува имот во определена вредност, без да биде наведено кој е тој имот“, објаснува Аврамовски.
При таква пресуда, како што беше и примерот со предметот „Труст“ и камионите на фирмата Трансмет, Агенцијата за конфискуван имот не можеше да спроведе истрага за да го лоцира движниот имот на осудениот Кочан. Потоа проблем настана и со стечајната постапки при која сопственост поради долгови побараа приватни други лица.
Од Министерството за правда велат дека новиот Кривичен законик е завршен и чека мислење од Европската комисија по што ќе биде доставен во владина и собраниска процедура.
Со него како што е најавено, треба да се вратат измените на укинатите членови по што ќе се отвори можност за проактивни истраги, конечни пресуди и враќање на средствата, вклучувајќи конфискација на криминално стекнат имот базирано на точно одредена вредност, продолжена конфискација и конфискација од трето лице.
Извор: РСЕ