Имагинацијата и креацијата кај најмладите спакувана во традиционалниот детски маскенбал по повод Денот на шегата, денеска во Делчево донесе стотици маски во кој оживеа детската фантазија. Богатство од принцези, штрумфови, супермени, самовили, пеперутки и пчели, но и гусари и страшни маски беа дел од дефилето под маски по улиците на центарот на Делчево и на забавата која се одржа пред Спомен- домот АСНОМ, каде низ игра беа промовирани креациите на најмладите делчевци.
Најмалите од детската градинка „Весели цветови“ први го започнаа одбележувањето на Први април, светскиот Ден на шегата. Во дворот од градинката имаше шаренило од маски и распеани дечиња кои на креативен начин го поздравија Денот на шегата.
Дел од овие маскирани мали актери се приклучија на традиционалното дефиле од маски на кое масовно учество зедоа ниските одделенија од двете основни училишта, ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св.Климент Охридски“. Централниот настан беше на летната сцена пред Спомен-домот АСНОМ, каде младите актери од драмската секција при ООУ „Ванчо Прке“ облечени во првоаприлски креации и во улога на водители, ја збогатија веселата атмсофера. Пред многубројната публика, маскираните ученици се претставија со своја програма во чест на Први април.
Настанот беше во организација на Општина Делчево, Детската градинка „Весели цветови“ и ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св.Климент Охридски“.
Инаку, во најразлични земји од целиот свет, Денот на шегата секоја година се слави на 1 Април.Овој ден понекогаш го нарекуваат и денот на сите шегаџии.
Денот на шегата води потекло уште од Римско време. Една од првите регистрирани првоаприлски шеги се случила во 1713 година, кога Џонатан Свифт, автор на Гуливеровите патувања, објавил дека на 1 април еден од погубените криминалци ќе се врати од мртвите за да се напие пиво во локалниот паб. Тој ден пабовите биле преполни со луѓе што дошле да го видат „мртовецот како консумира пиво“.