Страв од егзекуции во Иран, Трамп му се заканува на Техеран

Страв од егзекуции во Иран, Трамп му се заканува на Техеран

Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди раководството на Иран да не ги погубува учесниците во масовните протести во земјата. „Ќе реагираме многу остро“, изјави републиканецот за телевизијата Си-Би-Ес Њус во Детроит. Трамп не ја прецизираше заканата.

Претходно беа изведени првите демонстранти пред суд во Иран. Организацијата за човекови права Амнести Интернешнал предупреди дека првата смртна казна може да биде извршена уште денеска (14.01). „Ако го направат тоа, ќе дејствуваме многу решително“, рече Трамп.

Од почетокот на протестите против авторитарниот систем на Исламската Република пред околу две недели, Трамп повеќепати му се закануваше на Иран со интервенција на САД доколку бидат убиени демонстранти. Сега на демонстрантите повторно им вети поддршка. Помошта е на пат, рече тој, но не објасни што точно значи тоа. На платформата Truth Social напиша: „Ирански патриоти, продолжете да протестирате! Преземете ги вашите институции!“.

Извештаи: Трамп бил советуван да се воздржи од напад

Израелски и арапски владини претставници, според информации на Ен-Би-Си Њус, ѝ препорачале на владата на Трамп засега да се воздржи од напад врз Иран. Тие сметаат дека властите во Техеран можеби сè уште не се доволно ослабени за да бидат соборени со напад на САД, јави медиумот, кој се повикува на актуелен и поранешен американски функционер, на лице запознаено со размислувањата на Израел и двајца арапски претставници.

Се вели дека некои претпочитаат да се почека додека властите во Техеран не бидат ставени под поголем притисок. Ситуацијата во Иран брзо се развива. Стабилноста на режимот може брзо да се промени. „Волстрит журнал“ извести дека арапските ривали на Иран се изјасниле против напад врз Техеран.

Иран Техеран 2026 | Народни протести на улиците на Техеран
Според организацијата за човекови права Хенгау со седиште во Норвешка, од почетокот на протестите во Иран загинале најмалку 2.500 луѓеФотографија: Ilia Hashemi/Telegram

Зад кулисите, Саудиска Арабија, Оман и Катар ја предупредиле Белата куќа дека обидот да се собори иранската власт би ги потресол пазарите на нафта и на крајот би ѝ наштетил на американската економија, цитирани се арапски функционери, кои особено се плашат од последици во сопствените земји.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека иранската власт веќе нема легитимитет. Ако еден „режим“ може да задуши демонстрации само со оружје, тогаш е „на крајот“, рече Вадефул за АРД за време на неговата посета на САД. „Го губи секој легитимитет. Го губи секое право да ја води оваа земја.“

Напната тишина во Техеран

Во иранската престолнина владее напната тишина, велат за агенцијата ДПА жители на Техеран по телефон, откако во вторникот (13.01) повторно беа овозможени повици во странство. Од саботата, како што се вели, протестите стануваат сè помали. Некои демонстранти по заканите на Трамп посакале интервенција на САД. „Слушаме дека секој ден стотици жртви – мртви и повредени – се носат во болници. Ситуацијата не е добра“, изјави млад човек по телефон.

Британскиот „Гардијан“, повикувајќи се на лекари во Техеран, пишува дека раните од куршуми најчесто се на очите. Безбедносните сили намерно пукаат во глава и очи. Тоа е тактика што, според активисти за човекови права, се користела и при претходни протести. Еден офталмолог во една болница документирал повеќе од 400 повреди на очи предизвикани од куршуми. На многу пациенти морало да им бидат отстранети очите.

Иран Техеран 2026 | Протести против економската состојба и владините политики
Од саботата, како што се вели, протестите стануваат сè помалиФотографија: Khoshiran/Middle East Images/IMAGO

Според организацијата за човекови права Хенгау со седиште во Норвешка, од почетокот на протестите во Иран загинале најмалку 2.500 луѓе. Трамп во интервју за Си-Би-Ес рече дека има различни податоци за бројот на убиените демонстранти. „Но изгледа дека бројката е прилично голема. И тоа ќе им донесе многу проблеми“, рече претседателот мислејќи на властите во Техеран.

Први обвиненија против демонстранти

Судството во Иран во меѓувреме подигна први обвиненија против уапсените демонстранти. Се споменува и обвинението за „војна против Бога“ – кривично дело што според исламското право во Иран се казнува со смрт. И при претходни протести судството изрекувало смртни казни.

Интернетот во земјата останува блокиран. Луѓето во Иран се потпираат на сателитскиот сервис Старлинк на Илон Маск за да споделуваат видеа од протестите. Компанијата СпејсИкс го направи сервисот бесплатен за земјата, јави Блумберг. Но властите успеале делумно да го попречат сигналот.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Рубио го увери Зеленски за посветеноста на САД, но предупреди на „тешки“ отстапки

Рубио го увери Зеленски за посветеноста на САД, но предупреди на „тешки“ отстапки

Украина и безбедноста, остануваат во центарот на гравитација на трансатлантската политика на Вашингтон, сигнализираше американскиот …