Во амбулантските услуги доминираат невротските, стрес-поврзани и соматоформни растројства, кои сочинуваат над 60% од сите случаи, следени од растројствата на расположението (13,6%) и шизофренијата (6,3%). Истражувањата спроведени по пандемијата со ковид-19 покажуваат дека младите се посебно ранлива група – речиси секој трет адолесцент пријавил симптоми на депресија или анксиозност, што укажува на долготрајни психолошки последици од здравствени и социјални кризи.
Ова го покажува извештајот за ментални растројства во Македонија што го подготвил Институтот за јавно здравје, а кој е објавен по повод 10 октомври, светскиот ден на менталното здравје.
Пристапот до услуги за ментално здравје е недоволен
Пристапот до услуги за ментално здравје останува ограничен и недоволен, посебно во руралните подрачја, каде што дел од здравствените установи се соочуваат со недостиг на стручен кадар и нерамномерна распределба на ресурси, пишува во објавата на ИЈЗ.
„За унапредување на менталното здравје на национално ниво, потребно е јакнење на превенцијата, развивање мобилни тимови и услуги за ментално здравје на далечина (онлајн психолошка поддршка), како и вклучување на менталното здравје во сите јавни политики, од образованието и трудот до социјалната и младинската заштита. Клучен приоритет е зголемувањето на буџетските вложувања во оваа област, насочени кон превенција, континуирана едукација на здравствените и социјалните работници и намалување на стигмата и дискриминацијата преку јавни кампањи што ја промовираат важноста на грижата за менталното здравје и позитивните примери на закрепнување“, наведено е во објавата на ИЈЗ.
Посебен акцент, соред нив, треба да се стави на програмите за ментално здравје кај децата и младите, преку вклучување на психолошка поддршка во училиштата и јакнење на стручните служби.
„Со јакнење на центрите за ментално здравје на локално ниво и создавање услови за навремена и достапна поддршка, може да се изгради средина во која менталното здравје ќе биде препознаено како приоритет и заедничка општествена одговорност“, се додава во извештајот.
Една третина од населението е анксиозно или живее во несигурност
Според стражувањето „Последици од ковид-19 пандемијата врз здравјето на возрасното население во Македонија“, повеќе од една третина од испитаниците изјавиле дека доживуваат зголемен стрес, анксиозност или чувство на несигурност, а секој четврти пријавил симптоми на депресија.
„Најпогодени биле жените, лицата со хронични заболувања и оние кои изгубиле близок член на семејството или работа. Пандемијата, исто така, довела до влошување на секојдневните навики, како што се нарушен сон, неправилна исхрана и намалена физичка активност, што дополнително влијаело на психолошката благосотојба. Овие наоди го нагласуваат значењето на системска психосоцијална поддршка и унапредување на здравствената писменост за справување со стрес и кризни ситуации“, се додава во извештајот.
6.000 болнички случаи годишно
Според извештајот за ментални растројства во Македонија (2014–2023) подготвен од страна на Институтот за јавно здравје, во последната деценија во земјата се регистрирани просечно околу 6.000 болнички случаи годишно поврзани со ментални и бихевиорални растројства, според класификацијата на СЗО.
„Најчести дијагнози се шизофренијата и сродните растројства (26,9%), како и растројствата предизвикани од употреба на психоактивни супстанции (24,2%). Во амбулантските услуги доминираат невротските, стрес-поврзани и соматоформни растројства, кои сочинуваат над 60% од сите случаи, следени од растројствата на расположението (13,6%) и шизофренијата (6,3%)“, се додава во извештајот.
ИЈЗ потсетува дека во услови на криза, речиси секој човек доживува психолошки стрес и нарушување на социјалните врски.
„Луѓето ги губат своите домови, семејствата се разделуваат, заедниците се распаѓаат. Иако само едно од пет лица може да развие ментално нарушување, речиси сите засегнати лица доживуваат емоционална вознемиреност, прекин на социјалните врски и губење на чувството на припадност кон заедниците, што честопати трае долго време по завршувањето на непосредната опасност. Мигрантите и бегалците се соочуваат со постојан психолошки товар предизвикан од различни извори на стрес: вооружени конфликти, раселување, опасни патувања, како и тешкотии при интеграцијата во земјите-домаќини. До крајот на 2024 година, над 123 милиони луѓе биле принудно раселени, а 71% од нив живеат во земји со ниски и средни приходи, каде што има ограничен пристап до здравствена заштита, поради преоптовареност на здравствените системи, a услугите за ментално здравје се речиси недостапни“, се додава во објавата на ИЈЗ.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место