Строги санкции и анти воени протести против Русија

За рускиот претседател инвазијата на Украина била „неопходна мерка“. Украинските власти соопштија дека земјата претрпела сериозни штети од рускиот напад и дека нуклеарната централа Чернобил не е повеќе под контрола на Украина. САД, Британија, и други западни земји ги засилија санкциите за Русија по нападот на Украина. Антивоени протести се одржуваат во повеќе градови, а на протестите во Русија се уапсени неколку стотици демонстранти.

Најмалку 57 луѓе се убиени, а 169 повредени на 24 февруари, откако Русија ја нападна Украина, соопшти украинското министерство за здравство.

Рускиот претседател Владимир Путин ја нарече инвазијата на Украина „неопходна мерка“ во прва изјава по нападот на Украина кој започна рано на 24 февруари.

„Едноставно не ни беа дадени никакви шанси да постапиме поинаку“, рече тој на состанок со руски бизнисмени во Москва, кој беше прикажа на државната телевизија, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.
Осврнувајќи се на санкциите од Западот, Путин оцени дека „Русија останува дел од глобалната економија“.

Откако Путин нареди специјална операција за Украина, беа нападнати воздушни бази, воена инфраструктура, аеродромот во близина на Киев, а украинските власти соопштија и дека повеќе не ја контролираат нуклеарната централа Чернобил.

Руското Министерство за одбрана потврди дека руските копнени сили влегле во Украина од Крим, што е прва потврда на Москва дека копнените трупи се во Украина, пренесе АП.

Претходно Русија само објави дека извршила воздушни и ракетни напади врз украинските воздушни бази, противвоздушни и други воени објекти. Руското Министерство соопшти дека уништило 83 украински воени објекти.

Украина претрпе „сериозни загуби“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој рече дека ги прекинува дипломатските односи со Москва и ги повика Русите „кои не ја изгубиле честа“ да протестираат против постапките на нивната влада.

Остри санкции кон Русија, на удар банки, авиопревозник, олигарси

Нападот предизвика гнев и осуди од Западот и од други земји, бидејќи растат стравувањата од голема војна среде Европа. САД, Британија, ЕУ и други западни земји воведоа санкции против Русија.

„Путин е агресор, започна војна и сега ќе трпи санкции“, рече американскиот претседател Џо Бајден на обраќањето во Белата куќа на која ги претстави санкциите за Русија.

Американските санкции вклучуваат замрзнување на средствата на големите руски банки и прекин на извозот на висока технологија во Русија.

Aмериканскиот претседател Џо Бајден на обраќањето во Белата куќа на која ги претстави санкциите за Русија.
Aмериканскиот претседател Џо Бајден на обраќањето во Белата куќа на која ги претстави санкциите за Русија.

И британскиот премиер Борис Џонсон пред парламентот го претстави пакетот санкции кон Русија. Пакетот „строги“ санкции како што вели Џонсон вклучуваа санкционирање на банки, на рускиот авиопревозник Аерофлот, членови на најблискиот круг на претседателот Владимир Путин и екстремно богатите кои уживаат во популарниот лондонски стил на живот.

Говорејќи пред парламентот, Џонсон рече дека Путин ќе биде осуден од светот и од историјата за неговата инвазија.

„Никогаш нема да може да ја исчисти „крвта на Украина“ од неговите раце. Овој грозен и варварски потфат на Владимир Путин мора да заврши со неуспех“, изјави тој пред парламентот кога ги објави новите санкции.

Претходно во соопштение групата седум најразвиени земји (Г7)ја нарече руската инвазија на Украина „сериозна закана“ за глобалниот поредок. Во нивната изјава се наведува дека рускиот претседател Владимир Путин се ставил на погрешната страна на историјата со тоа што започнал војна во Европа. Г7 соопшти дека е „подготвена да дејствува“ во случај на прекини во снабдувањето со енергија, а исто така е подготвена да го поддржи со хуманитарна помош очекуваниот бран бегалци и раселени лица.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека рускиот напад врз Украина го нарушил мирот во Европа и вети дека Алијансата и ќе го брани „секој сантиметар“ од територијата на членките.

Тој рече дека Алијансата исто така ги активира своите „одбранбени планови“ за сојузничките земји кои не се членки на НАТО, но се усогласени со Западот.

Новинари на РСЕ уапсени во Москва известувајќи за мирен протест

Високиот комесар на ОН за бегалци за Би- Би – Си рече дека се проценува дека повеќе од 100 илјади луѓе веќе ги напуштиле своите домови во Украина, а илјадници ги преминале границите со Молдавија и Романија.

Антивоени протести се одвиваат пред руските амбасади во многу градови во светот. На протестите во Русија против војната во Украина, руската полиција уапси речиси 800 луѓе, меѓу нив и тројца дописници на Радио слободна Европа.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …