струга

Струга и Охрид имаат потреба за околу 2.000 работници во угостителството, но младите си заминуваат

Учебната година за матурантите заврши, дел од нив се спремаат за студии, а дел имаат поинакви планови за иднината. Во пресрет на туристичката сезона, градот Струга има недостиг од работници додека голем број матуранти не ја гледаат иднината во својата земја. Заминувањето на младите стана загрижувачко, па институциите ги повикуваат младите да се интересираат и да создаваат можности да ја градат иднината во својата земја, пишува Порталб.мк.

„Голема желба ми е да ги продолжам студиите во странство и доколку сè биде во ред со процесот на запишување планирам да заминам за Германија. Жал ми е, но јас овде не гледам никаква перспектива за себе“, вели за Порталб една матурантка од Струга.

„Планирам да ги продолжам студиите по медицина во Скопје, но не знам дали сакам да живеам овде“, додава друг матурант.

Вака размислуваат и најголемиот дел од младите во овој град. Додека туристичкиот град Струга сè повеќе страда од недостиг на работници во речиси сите сектори, во пресрет на туристичката сезона ова е осебено истакнато во угостителството. Во Струга и Охрид во угостителството се потребни околу 2.000 работници

Сопствениците на угостителските бизниси велат дека условите за работа се подобри, па дури нудат и повисоки плати од просечните, но нема интерес за работа. Од друга страна, за да ги мотивира младите да ја планираат својата иднина во својата земја државата нуди неколку можности. Директорката на Агенцијата за вработување во Струга, Елвадина Дика, за Порталб.мк вели дека младите се многу малку информирани за можностите што ги нуди државата. Дика апелира до сите матуранти кои нема да го продолжат своето образование, да се обратат до Агенцијата за вработување и да се информираат за можностите и правата кои ги имаат.

Елвадина Дика, директорка на Агенцијата за вработување – Струга | Фото: Јавен Фејсбук профил

„Како прво важно е да се подигне свеста на младите за тие да се пријават како невработени со најосновните квалификации кои ги поседуваат. Кога зборувам за пријавувањето, сакам да истакнам еден вознемирувачки феномен со кој се соочува нашата институција. Во многу случаи, пријавувањето на невработените се врши во групна форма, односно едно лице доставува неколку лични карти за да ги пријави тие лица како невработени. Има многу случаи кога овие лица пријавени како невработени не живеат во РСМ, туку едноставно ја злоупотребуваат нашата институција за да се прогласат за невработени и да добијат социјална помош“, изјави Дика.

Таа вели дека Агенцијата за вработување во согласност со законите и препораките кои произлегуваат од Извештајот на ЕК, финансиски поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), УНДП и АМПРР, нуди низа програми за самовработување и обука за професионален развој.

„Матурантите кои завршиле професионални насоки како геодезија, градежништво, текстилно, во моментот кога ќе дипломираат мора да се пријават како невработени за да ги користат поволностите што ги нуди државата врз основа на оперативниот план каде кореспондира Агенцијата за вработување. Како агенција за вработување на лица пријавени како невработени ние нудиме разни можности, како што се: самовработување со кредитирање, практикантска работа врз основа на барањата на работодавачот, обука за јавна работа за лица со посебни потреби. Ова се дел од субвенциите што ги нудиме за невработените лица и во овие рамки имаме и посредување меѓу невработените лица и работодавачот според конкретните квалификации. Парични средства за млади можат да добијат лица до 23 години, во износ од 3.000 денари. Ова право го имаат и лицата кои се вработени, на возраст од 18 до 23 години, но мора да поднесат посебно барање“, нагласи Дика.

Во Струга успешно се спроведуваат мерки за самовработување со грант од 5.000 евра.

„Струга е трет град со најголем број на пријавени лица за програмата за самовработување. Со тек на времето расте интересот и за различни области, од увозно-извозните бизниси до салоните за убавина. Има дефицит на луѓе кои работат во текстилната индустрија, келнери, готвачи, чистачи, возачи и градежни работници“, додаде Елвадина Дика.

Според податоците на Агенцијата за вработување во Струга моментално невработени се:

  • 2703 лица со основно образование
  • 1375 лица со средно образование
  • 300 лица со високо образование
  • 29 со магистратура

Значи вкупно се работи за 3.269 пријавени лица како невработени, од кои 1.580 се Албанци, 1.243 Македонци, 266 Македонци-муслимани, 67 Турци, 52 Роми итн.

„Вреди да се напомене дека Агенцијата им дава втора шанса и на лица кои имаат завршено само две години од средното образование. Станува збор за мерка која се однесува на лицата кои од различни причини немаат завршено средно образование. Им се дава можност да се стекнат со диплома, со која не се стекнале во тек на редовното образование. Проектот ги опфаќа ранливите категории на граѓани, лицата до 29 години, Роми; жените, лицата со попреченост и долгорочно невработените лица“, додаде Елвадина Дика.

Трошоците за образовната програма од проектот „Втора шанса“ во средните стручни училишта/регионалните центри за стручно образование и обука ќе се подмират со ИПА проектот „Активирање на ранливите групи на пазарот на трудот“ финансиран од Европската Унија.

РСМ беше критикувана во Извештајот на ЕК во областа на социјалната политика и вработувањето

Всушност, заминувањето на младите е тренд низ целата земја. За помалку од десет години С. Македонија ја напуштиле 700.000 граѓани. Можноста за вработување и подобрите услови за работа се едни од главните причини за иселувањето на населението. С. Македонија доби критики за социјалните политики и политиките за вработување и во Извештајот за напредокот на земјата од Европската комисија.

„Земјата останува умерено подготвена на полето на социјалните политики и вработувањето. Постигнат е одреден напредок со дополнително намалување на стапката на невработеност, зголемување на бенефициите за социјална помош и продолжување со спроведувањето на мерките за социо-економски олеснувања за справување со социо-економското влијание на пандемијата КОВИД-19“, се вели во објавениот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.

Поради делумно имплементирање на минатогодишните препораки, истите остануваат на сила. Во наредната година, земјата треба да:

  • Продолжи со имплементацијата на мерките за активирање на пазарот на трудот за младите, долгорочно невработените и нискоквалификуваните, вклучително и жените, лицата со попреченост и Ромите, и да обезбеди соодветна евалуација на мерките;
  • Продолжи со понатамошно подобрување на капацитетите на Државниот инспекторат за труд за справување со прашања поврзани со безбедноста и здравјето при работа; развивање на систем за следење на професионалните повреди и смртните случаи; и зајакнување на билатералниот социјален дијалог помеѓу работодавачите и работниците;
  • Се создаде систем за мониторинг и евалуација на социјалните услуги и да се продолжи со реформата на социјалната заштита со посилни врски со активирањето на вработувањето. Според Извештајот на Државниот завод за статистика (ДЗС), во првото тримесечие на 2022 година, невработеноста кај младите на возраст од 15 до 24 години била 34.8%, во второто тримесечие 30.8%, а во третото тримесечие 32.6%, или 3.8% пониска од 2021 година.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …