Струга, Сарај, Матка и обратно

Струга, Сарај, Матка и обратно

Пишува: Зоран Милошески

Во нашава држава е навистина тешко да останеш фокусиран на еден скандал. Да се обидеш да го анализираш, да му пристапиш од различни перспективи, да слушнеш стручни мислења. И на крајот, откако ќе ги разгледаш сите аспекти, да изградиш сопствен став. Е арно ама, камо време за сето тоа? Таман сте го направиле првиот чекор, веќе се родил нов скандал, поголем од претходниот.

И така со години. Поточно, така откако “се спасивме“ од социјализмот и “тортурата“ во некогашната федеративна држава и откако ги вкусивме плодовите на “вистинската“ демократија. Во самостојна, независна, суверена, библиска, европска… Македонија.

И во сите тие години наназад, разно-разни политичари, хохштаплери и пробисвети, многупати нѐ пренесувале жедни преку вода. Некогаш помалку успешно, некогаш повеќе. Напати прилично убедливо, напати едвај. Но генерално, секогаш тие биле оние кои го остварувале замисленото, своите амбиции и желби, по правило врзани за стекнување што поголема материјална корист. А ние, простосмртните, секогаш сме биле тие кои на крајот останувале со прстот во уста.

Скандалот со дивоизградената платформа на Матка, всушност, и не е скандал. Тоа е срам за државата. Кањонот Матка е Споменик на природата, а од 1994 година и заштитено подрачје. Но ништо од тоа не е доволно вредно за да ја добие битката со организираниот криминал и градежната мафија. Своевремено, кога некој проблем не требаше да биде решен, се формираше комисија. Последниве години тоа се прави на пософистициран начин: одговорноста се префрла од една на друга институција. Во случајов, Општина Сарај на Град Скопје, Град Скопје на Министерството за животна средина, тоа на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, оттаму се пренасочува во Министерството за транспорт и врски… и така до недоглед. Поточно, до моментот кога на граѓаните ќе им боктиса постојаното оградување и перење раце од скандалот, или додека истиот не биде покриен со некој друг, уште побесмислен и поарамиски.

А како да го дефинираме, под кој параграф да го заведеме палењето на трските на струшкото крајбрежје? Како несреќен случај, елементарна непогода или бандитизам од пошироки размери? Или пак тоа што среде зима и рана пролет горат шумите во Македонија? Иако сите три посочени примери се тесно поврзани со безмилосното уништување на животната средина, во нивната основа стои криминалот. Организираниот криминал.

А ако за некоја сфера од општественото живеење може да се каже дека ни ја разбудила граѓанската свест и совест, или барем кај еден минимален процент на критична маса на граѓани, тогаш тоа е токму прашањето за заштита на животната средина.

Иако процесот на еколошко будење започна прилично срамежливо, преку дигање на гласот на граѓански активисти од Велес, Битола, Тетово, подоцна и од неформални групи од Скопје, сепак свесноста за неопходноста од зачувување на природата, со забрзани чекори стана дел од нашето поведение. Ама како по некој непишан закон, ние сме кадарни да ја вулгаризираме секоја искрена и благородна идеја.

Така, намерата на дузина вљубеници во природата, преку чистење на одредени локации да влијаат врз подигнувањето на еколошката свест кај граѓаните, полека се претвора во евтина алатка за промоција на политичари, јавни личности и довчерашни апсолутни анонимуси.

Се разбира, чест на исклучоците и на оние кои во приказната влегоа со чесни намери, меѓутоа чистењето на јавни површини, ливади и диви депонии прерасна во помодарство. Најважната работа во ваквите еколошки акции, се фејсбук најавите на “ивенти“ и десетиците “селфи“ после секое наведнување над ѓубрето. Работата толку многу излезе од нормала, наставници и директори на училишта толку многу влегоа во филмот, што во саботите и неделите почнаа да ги ангажираат учениците во “доброволни“ активности за расчистување на разни диви депонии, одземајќи им ги при тоа и оние малку слободни денови кои ги имаат. Тоа што деновиве видовме како некој, со сиот ум, ги натерал дечињата од едно основно училиште да расчистуваат ѓубриште со искористени шприцови и шишенца со метадон, доволно кажува до каде забегала работата.

Со една работа мора да бидеме на чисто: идејата на граѓанските активисти и еколошките здруженија не беше да ги претворат граѓаните во комунални работници. Подигањето на сметот и чистењето на ѓубрето, е обврска на јавните комунални претпријатија. Целта на акциите беше подигање на свеста за неопходноста од зачувувањето на чиста и здрава животна средина. Оттаму, она кон што во иднина треба да се насочат и еколошките здруженија, но пред сѐ образовните институции, е едукација на граѓаните за последиците од загадувањето и придобивките од чистата животна средина.

И, да не заборавиме: сето тоа комбинирано со значително поефикасен и поефективен ангажман на инспекциските служби, промена на законската регулатива за висината на казните за загадувачите, како за правните така и за физичките лица, ќе даде резултати многу побрзо и многу повеќе од сите други мерки. Оти “мавањето“ по џебот на несовесните, долгорочно, секогаш имал позитивен ефект како во заштитата на животната средина, така и во почитувањето на законите.

Прочитајте повеќе

Општина Прилеп започнува постапка за присилна наплата на неплатени обврски на физичките и правни лица

Општина Прилеп започнува постапка за присилна наплата на неплатени обврски на физичките и правни лица

Соопштение за јавност на Општина Прилеп: Општина Прилеп ги известува сите физички и правни лица …