Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

Сакале да признаеме или не, железна завеса се спушти од Деве Баир до Ново Село. И таа е спуштена од исток, а не од запад. Со неа сега треба да се живее, иако во секое време може да се помине.

Пишува Љупчо Поповски

Пријателствата и сојузништвата некогаш за многу брзо време се претвораат во неверојатен антагонизам. Јадрото на сите тие навидум неочекувани пресврти лежи во две основни работи: политиката и интересите. На многу брутален начин тоа го почувствува македонската јавност и сите делови од нејзиниот мозаик (обични граѓани, политички научници, политичари, бизнисмени, невладини експерти) кога сфати дека можната доверба по Договорот за добрососедство не е еднаш засекогаш воспоставена. Бугарија и Македонија влегоа во студена војна 30 години по падот на Берлинскиот ѕид и без оглед што вината на македонската држава е минорна, војната веќе е поставена и со неа треба да се справува.

Многумина од вас, веројатно, знаат како Винстон Черчил, британскиот херој од Втората светска војна, во својот легендарен говор на Колеџот Вестминстер, во американската држава Мисури, на 5 март 1946 година ја опиша Европа десет месеци по крајот на војната. И како сојузниците од големата победа во војната станаа жестоки непријатели во мирот. Черчил тогаш беше прв човек на опозицијата (ги загуби изборите во јули 1945, кога војната беше завршена, од лабуристот Клемент Атли). Овој говор на Черчил ја одбележа целата студена војна помеѓу капитализмот и социјализмот.

Што рече Черчил во Мисури?

„Од Шќеќин на Балтикот до Трст на Јадранот, железна завеса се спушти низ целиот континент. Зад таа линија лежат сите престолнини на античките држави од Централна и Источна Европа. Варшава, Берлин, Прага, Виена, Будимпешта, Белград, Букурешт и Софија, сите овие познати градови и населението околу нив лежат во она што морам да го наречам советска сфера, и сите се предмет во една или друга форма, не само на советско влијание, туку во многу висока и, во многу случаи, зголемена мерка на контрола од Москва…

Темните времиња може да се вратат, Каменото доба да се врати на светкавите крила на науката, и она што сега може да истура неизмерни материјални благослови врз човештвото, дури може да донесе и негово целосно уништување. Внимавајте, велам, времето може да биде кратко. Не дозволувајте да нѐ однесе текот, дозволувајќи им на настаните да лебдат додека не биде доцна. Постои патот на мудроста. Превенцијата е подобра од лекот.

Сенка падна на сцените до неодамна осветлени од сојузничката победа. Никој не знае што Советска Русија и нејзината меѓународна комунистичка организација имаат намера да направат во блиска иднина, или кои се границите, доколку ги има, на нивните експанзивни тенденции за промена на мислењата. Имам силно воодушевување и почит кон храбриот руски народ и кон мојот воен другар, маршалот Сталин. Ние ја разбираме руската потреба да бидат сигурни на нејзините западни граници со отстранување на секаква можност за германска агресија… Меѓутоа, моја должност е, бидејќи сум сигурен дека би сакале, да ги кажам фактите како што ги гледам, за да поставам пред вас одредени факти за сегашната позиција во Европа“.

Овој малку преголем цитат од долгиот говор на Черчил 74 години подоцна може да изгледа неумесен, но во основа има важни пораки за состојбата во којашто се најдоа „пријателите и браќата“ – Македонците и Бугарите. Сакале ние да признаеме или не, но железна завеса се спушти од Деве Баир до Ново Село. И оваа железна завеса е спуштена од исток, а не од запад, и со неа сега треба да се живее, иако во секое време може да се помине. Потрагата по причините зошто Софија реши да ја спушти железната завеса и на Деве Баир и во Брисел можеби за момент треба да им се остави на толкувачите на бугарската „кремљологија“. Или на паметните луѓе во Бугарија, кои и самите не можат да ги откријат корените на овој драматичен пресврт („Големиот удар што ВМРО му го нанесе на нашиот национален интерес беше ветото врз Северна Македонија. Борисов можеше да испише истоприја, а тој дозволи да биде уценуван. Што бараме од нив? Никој не разбра” – Ивајло Дичев). Овој судир не е како замрзнатиот конфликт со Грција околу името, тој е многу подлабок и посуштински.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …