Дел од студентите на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја обвинија својата професорка дека бара од нив да ја купат нејзината книга за да добијат потпис за редовност и да можат да полагаат испит. Студентите за Мета.мк велат дека откако во јавноста беше објавена содржината од пораката, која наводно професорката ја испратила до нив, следниот ден таа го откажала закажаниот испит. Според студентите на ФДТМЕ, професорката побарала да го откријат идентитетот на оној што ја споделил пораката, инаку нема да може да полагаат.
Инстаграм профилот „Студентарија“ објави извадок од порака која, како што велат студентите, професорката чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата, ја испратила до нив. Во пораката се вели дека за да се регулира редовноста и студентите да добијат потписи, ќе биде потребно да ја купат нејзината книга, која чини 990 денари. Објавата на „Студентарија“ стигнала и до засегнатата професорка, која поради овој случај не им дозволила на студентите да го полагаат испитот за кој дошле со спремни цртежи и макети.
Дел од затечените студенти за „Мета.мк“ велат дека професорката ги прашувала кој го споделил разговорот од нивната комуникација и дека ако не го откријат идентитетот на тој што споделил, нема да им дозволи да го полагаат предметот и да земат оцени.
„На повеќе студенти од страна на професорката која беше објавена дека бара да се купи нејзината книга ни беше одземено правото да полагаме испит. Кога денес отидовме да полагаме таа ни кажа дека нема да ни ги прегледа задачите, ниту пак ќе ни даде питпис или оценка сè додека не сме го нашле одговорниот кој ја пратил пораката, бидејќи ние сме знаеле сè и сме имале наши начини да дознаеме и сме биле одговорни бидејќи нејзината репутација била уништена“, вели студент кој инститраше да остане анонимен.
Друг студент раскажува како добил известување од професорката дека потпис се добива под услов да се купи нејзината книга.
„Претходните генерации функционирале на ист начин, па заклучивме дека нема потреба од бунење. Дојде времето да полагам, при што немав спиено 72 часа поради испит. Заминав и од измореност го заборавив новчаникот и парите за книгата. Професорката ме врати и не ми ги прими цртежите дури не земам кнгиа. Ја средив ситуацијата, купив книга, добив потпис и оценка“, вели друг студент.
Откако професорката не сакала да ги прими на испит, студентите велат оти им било кажано да заминат дома. Подоцна во текот на денот им биле доставени нови датуми за полагање на испитот.
„Мета.мк“ ја контактираше професорката која најпрво даде изјава, но потоа ја повлече потенцирајќи дека не сака да коментира.
Таа негираше дека услов за студентите да добијат потпис е да ја купат нејзината книга. Според нејзе, објавените содржини на социјалните мрежи се извадени од контекст.
„Таа книга нема поврзаност со давање потписи. Факт е дека им треба за два наставни предмета“, вели професорката.
Јавна тајна е дека голем дел од професорите на македонските високообразовни институции бараат од нивните студенти да им ги купат книгите за да можат да го положат испитот. Но, за овој проблем ретко се зборува во медиумите и во академската фела.
Извор: МЕТА