Студенти на Високата медицинска школа во Битола со поддршка за нивниот професор да се врати на работа

Студенти на Високата медицинска школа во Битола со поддршка за нивниот професор да се врати на работа

Студенти на Високата медицинска школа во Битола искажаа поддршка за универзитетскиот професор Томе Наумов, на кого во четвртокот му било соопштено дека повеќе не е вработен во високообразовната установа. Тие бараат нивниот професор да продолжи да им предава, бидејќи и тој самиот сѐ уште се чувствува способен да ја извршува работата.

Професорот Наумов, кој е еден од основачите на Високата медицинска школа и нејзин поранешен директор, во изјава за медиумите рече дека незаконски бил одјавен од Агенцијата за вработување, и дека иако има 64 години, професорите имаат право со изјава да го продолжат работниот однос до 67 години.

Студентите сведочат дека пред одржување на колоквиумот по предметот Екологија, кој требало да се спроведе со физичко присуство, вработен на Високата медицинска школа влегол во амфитеатарот и на професорот му соопштил дека повеќе не е вработен на ВМШ, по што просторијата била затворена, а предвидениот колоквиум не се одржал.

„Нашиот професор Томе Наумов е присилно избркан од работа без никаква основа, па затоа ние сме алармирани и сакаме нашиот глас да биде чуен“, велат студенти од Високата медицинска школа, кои инсистираат да останат анонимни.

Тие велат дека иницијативата ја започнале доброволно, преку социјалните мрежи и добиле поддршка од околу 150 студенти, кои овој семестар слушаат предмети кај професорот Наумов. Студентите тврдат дека своите пораки и фотографии со поддршка ги испратиле и до Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

„Инсистираме професорот да го задржи својот статус на професор во факултетот поради тоа што, меѓу другото, е извонреден професор со голема грижа кон своите студенти, како и голем познавач на материјата која ја предава. Исто така е еден од професорите кои исклучително се залагаат за студентите и вложуваат голем труд со цел да го збогатат нашето знаење“, вели еден од студентите на Високата медицинска школа.

Студенти на ВМШ Битола

Студентите преку фотографии ја искажале својата поддршка за професорот 

Тие се надеваат оти ситуацијата набргу ќе се реши и дека нивниот професор ќе остане на работа.

„Професорот Томе Наумов е една исклучителна личност, кој покрај професорската улога, кај нас студентите често знае да заземе и родителска улога, покрај материјалот за предметите, нѐ учи и на големи животни лекции. Едноставно е професор кој својот живот во потполност го посветил на неговата професија и тоа може да се забележи уште при првото негово излагање пред студентите. Неговиот стил на изразување и начинот на предавање просто го пленат секого кој има и имал прилика да го слуша“, велат студентите за нивниот професор.

Директорката на Високата медицинска школа, Домника Рајчановска, за „Мета.мк“ вели дека сите одлуки што ги донела во врска со професорот Наумов се засноваат врз почитување на одредбите од Законот за работни односи и Законот за високото образование.

„Точно е дека професорот достави Изјава за продолжување на работниот стаж, но веројатно од само нему познати причини, истата е доставена непосредно пред тој да наврши 64 годишна возраст, со што е прекршен член 104, став 3 од Законот за работни односи. Тоа значи дека секое мое поинакво постапување би било спротивно на Законот. Сите документи му беа навреме доставени од моја страна“, вели проф. д-р Рајчановска.

Таа тврди дека до неа и до Управата на Високата медицинска школа не било доставено никакво барање или петиција од студентите.

„Вовлекувањето на студентите во оваа правна ситуација претставува нивна класична злоупотреба од негова страна, бидејќи во нашата држава постојат соодветни, надлежни институции за решавање на проблеми од оваа област“, вели Рајчановска.

Од Ректоратот на УКЛО не го коментираат случајот, а не одговорија ни дали до нив стигнале пораките на студентите.

„Ниту еден пишан документ поврзан со професорот Томе Наумов не е пристигнат во Ректоратот и без документација, не може да се коментира“, велат од Ректоратот на УКЛО.

Колоквиумите по предметите кои досега ги предавал Наумов, иако биле предвидени, не се одржале, а студентите велат дека се оставени на средина, затоа што сѐ уште не знаат што ќе се случи со тие предмети и дали некој ќе ги одржи предавањата неделава.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ЈЗУ Општа болница Прилеп: Изјавата на Александар Николоски од ДПМНЕ е лага и груба манипулација со политичка позадина

ЈЗУ Општа болница Прилеп: Изјавата на Александар Николоски од ДПМНЕ е лага и груба манипулација со политичка позадина

Реакција на Кети Смилеска, директорка на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ Прилеп на вчерашната изјава …