Студентите бараат оброк за сите - власта калкулира

Студентите бараат оброк за сите – власта калкулира

Да се зголемат субвенциите за студентскиот оброк, или сумата да остане иста, но да се прошири опсегот на студенти кои ќе може да ги добиваат – вработени, земјоделци и корисници на семејна пензија. За една од овие опции Министерството за образование побара студентите да се изјаснат преку анкета .

Во време кога трошоците постојано растат, субвенционираниот студентски оброк треба да се зголеми од 140 на 160 денари. Но студентските собранија при универзитетите во Скопје и Битола во исто време сметаат дека освен ова зголемување, треба да се дозволи право на студенстски оброк да добијат и други групи студенти – вработени, земјоделци и корисници на семејна пензија.

По нивната средба на почетокот на годинава со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, кога таа потоа го презентираше буџетот за годинава рече дека ќе има пари за зголемување на субвенциите за оброк, но нема да се прошири со нови категории студенти.

Заклучно со јануари, субвенциониран оброк користат 33.019 студенти – информираат од ресорното министерство за Радио Слободна Европа. Меѓу нив, е и 22-годишната Бојана Спасовска од Велес.

Оваа студентка ја користи картичката со субвенции веќе две години и вели дека тоа е олеснување за буџетот на нејзините родители. Според неа сепак, сумата би требало да се зголеми бидејќи храна постојано поскапува.

„Картичата најчесто ја користам во супермаркети, но со неа храна може да се купи и од пекари, ресторани, сендвичари, односно кај трговци кои произведуваат или продаваат храна и овозможуваат плаќање преку ПОС терминали“, вели за РСЕ, Бојана која е трета година на студии по новинарство во Скопје.

Студентите имаат и нови барања

Со картичката за субвенциониран студентски оброк, студентите имаат на располагање по 840 денари седмично, кои не може да ги користат во недела и за време на празници.

„Сметам дека од помош би било и средствата кои не ни се искористени до сабота, да ни се префрлаат за наредната недела. Секако картичките ги користиме само за храна, па зошто да има неделен лимит и да бидат повлечени во државната каса“, додава Бојана.

Таа и останатите студенти може да се изјаснат за предлозите на Министерството за образование и наука преку анкетите кои ги отпочнаа студентските собранија на универзитетите „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) и „Свети Климент Охридски“ (УКЛО).

Кои се клучни проблеми на младите и имаат ли партиите решенија?

Резултатите ќе треба да покажат и колку во моментот не можат да го користат субвенционираниот студентски оброк односно колку од студентите се во работен однос, колку се корисници на семејна пензија и колку се регистирани како земјоделци.

Додека не заврши анкетата нема да биде зголемена субвенцијата за студентскиот оброк, а таа треба да покаже дали ќе поскапи или само проширен списокот на студенти кои ќе имаат право на него.

Да нема дискриминација

Студентските лидери кои ги контактираше Радио Слободна Европа, и натаму бараат и овие категории да добијат можност да аплицираат за студентски оброк.

„Покрај студирањето тие придонесуваат дополнително и работат за општеството. Вложуваат двојна сила, а се дискриминирани на некој начин. Би требало сите да ги носат истите права, ако си редовен студент, а работиш, зошто да го немаш тоа право“, смета Александар Николовски, лидер на УСС УКИМ.

Според него, оваа промена би требало да биде приоритет, а понатаму согласно трошоците за живот, властите да ја зголемат сумата на оброкот за сите.

„Ние сме секако за двете опции, но во моментот бидејќи средствата се ограничени и некој треба да плати за тоа, првично сакаме да им се обезбеди оброк на оние коишто немаат, а потоа да се зголеми за сите“, додава Александар.

Воведувањето на субвенциите донесе промена во оброците во студентските домови, кои го укинаа појадокот.

„Го имаме дискутирано тоа со директорите на домовите. Нивниот став е дека многу малку од студентите се појавувале на појадок што е и факт, па сега студентите во домовите имаат ручек и вечера. Реално, ручекот почнува во 11 часот што значи дека до вечер до 20 или 21 часот тие имаат константно можност да јадат“, вели Александар.

Универзитетското студентско собрание на УКИМ постигнало договор со дел од трговците, па студентите добиваат попуст за храната која ја купуваат на десетици места во главниот град. Нивните колеги во Битола засега ја немаат оваа можност, но Студентското собрание при УКЛО веќе преговара со локалните маркети.

„Студентите најчесто ги трошат субвенциите во маркетите од каде купуваат намирници за дома, или јадат во сендвичари и пекари. Често пати доплаќаат за своите оброци, па ние како Собрание се трудиме да постигнеме договор за да има пакети храна за 140 денари“, вели за РСЕ, Димитар Атанасовски, претседателот на Универзитетското собрание на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Во однос на најавите за зголемување на субвенциите или пак, на опсегот на корисници, тој нагласува дека не треба да има дилема.

„За нас не треба да има ‘или-или’. Двете новини треба да се воведат и ние како студентско тело сме соединети во тој став“, посочува Атанасовски. Тој смета дека средствата треба да им бидат на располагање на студентите и за време на празниците или во недела, бидејќи како што вели, тие не јадат само кога има настава.

Исто како студентите во Скопје, така и оние во Битола во моментот пополнуваат анкета која следува по средбата со министерката, Весна Јаневска од пред десетина дена.

„Преку анкетата ќе ги видиме бројките на оние кои не се опфатени со условите за аплицирање, но и мислењето на мнозинството студенти. Анкетата ја споделуваме преку електронска пошта и преку групи на социјалните мрежи, па очекуваме конечните резултати да ги имаме наскоро“, додава Атанасовски.

Превозот – еден од приоритетите за студентите

На средбите во Министерството за образование и наука, надлежните им најавиле на студентите и измена на Законот за студентски оброк. Со измените, ова законско решение ќе ги опфати и сместувањето, превозот, но и стипендирањето на студентите.

Лидерот на УСС УКИМ, Николовски вели дека и ова се клучни прашања за кои ќе мора да се најде решение.

Бесплатниот автобуски превоз за студентите во Скопје ќе продолжи и во 2025 година, откако Владата на 31 декември на седница одлучи да му префрли 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП – Скопје.

Николовски смета дека безплатен превоз треба да има и за студентите од другите градови.

„Според мене, многу важни прашања исто така се бесплатниот градски превоз за студентите во другите универзитетски градови, понатаму субвенциониран меѓуградски превоз за студентите коишто патуваат секојдневно од другите градови до Скопје, до Битола, Прилеп и така натаму. Исто така, важна е и реформацијата на условите во студентските домови и мензите“, порачува Николовски.

Субвенционираниот студентски оброк инаку, важи само за редовните студенти на додипломски студии. Министерството за образование и наука им ги уплати првите субвенции на студентите во октомври 2021. Ова следуваше откако во јули истата таа година, тогашниот премиер Зоран Заев рече дека во услови на пандемија ќе го унапредат студентскиот стандард со по 120 денари за оброк дневно. Сумата потоа беше покачена на 140 денари, по што беше променет и начинот на исплата, со што студентите сега на располагање имаат по 840 денари кои може да ги трошат во тековната недела.

Сегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ уште кога беше опозиција, предлагаше студентскиот оброк да се зголеми на 160 денари, обвинувајќи за кревкост на студентскиот стандард. Вакво барање беше испорачано и есента 2022, кога Универзитетското собрание на УКИМ и движењето Студентски отпор организираа марш во Скопје одбележувајќи го Меѓународниот ден на студентите.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

сдсм

СДСМ: Се шири скандалот со непотизам ДПМНЕ ја вдоми и сестрата на министерот Љутков

Соoпштение за јавност од СДСМ ДПМНЕ ја направи Македонија приватна фирма, за семејни вработувања на …