Студентите ќе рециклираат и ќе добиваат пари на студентска картичка [фото]

Студентите ќе рециклираат и ќе добиваат пари на студентска картичка [фото]

Студентите кои се сместени во трите студентски домови во Скопје, од сега ќе можат да рециклираат пластика и лименки за што ќе добиваат надомест на својата студентска картичка.

За таа цел, на иницијатива на студентите која ја прифатило раководството на домот, во влезовите во зградите на студентскиот дом „Гоце Делчев се поставени автомати за рециклирање, а студентската картичка ќе се издава веднаш по одобрувањето за сместување во домот.

Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, Виктор Велевски, денес презентираше колку е едноставно да се користат овие автомати за рециклирање.

Студентската картичка се доближува до автоматот за да се вчита, шишето се става во отворот и за неколку секунди, во зависност од големината на шишето или лименката се префрлаат од 0,5 до 1,5 денари на сметката на студентот.

Овие пари, како што изјави Велевски, студентите ќе можат да ги користат за да купуваат со попуст во студентското бифе, но тој се надева дека во блиска иднина ќе започне соработка и со кина, книжарници и други продавници за да може студентите да плаќаат и на други места вон студентскиот дом.

Вредноста на проектот „Студентите рециклираат“, односно набавката на шесте машини, од кои четири се распоредени во објектите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и по една во „Кузман Јосифовски – Питу“ и во „Стив Наумов“ и изработката на картичките изнесува околу 8 милиони денари, кои би требало да се вратат преку преработката од рециклираниот отпад за околу 3 години.

Директорот Велевски дека оваа иницијатива во блиска иднина ќе се прошири во сите студентски домови низ републиката, а и во средните и основните училишта.

Тој во разговор со Мета.мк вели дека во моментов нема точна процена колку пари би можел да заработи еден студент во текот на еден месец од рециклирање, но нагласи дека тоа зависи од самите студенти.

„Зависи колку еден студент ќе се труди да ја рециклира неговата амбалажа. Целта е да ја подигнеме еко-свеста на студентите, да не се фрла отпадот на улица или во корпите туку да оди за рециклирање и со тој гранулат кој ќе се произведува пак да се инвестира“, рече Велевски.

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …