Под мотото „Присвојување на достоинството“ третото издание на Студентскиот форум на Форумот за промени во образованието (ФПО) собра во Скопје млади, студенти и активисти од Западен Балкан, кои дискутираа за актуелни прашања кои што директно ги засегаат нив, и она што е најважно, како да ги адресираат истите, пишува Порталб.мк.
Оваа година Студентскиот форум настапи со нова програма и активности. Бленди Ходаи, директор на ФПО, нагласи дека достоинството е едноставна и непреговарачка вистина дека никој не треба да се потчини за да биде слушнат или замолчен.
„Кога се подготвувавме за овој Форум, првично помисливме да го наречеме „Враќање на достоинството“, но се појави едно суштинско прашање: дали можете да вратите нешто што никогаш навистина не сте го имале? Но, кога ја видовме нашата реалност, сфативме дека на многу млади луѓе достоинството никогаш не им било целосно дадено. Тоа било ставено под знак прашалник, било условено и честопати негирано. И токму поради оваа причина не сме собрани тука за да го вратиме достоинството, туку тука сме за да го присвоиме, да го дефинираме, упорно да го бараме и да го браниме“, рече Ходаи.
Дискутирајќи за состојбата во земјите на Западен Балкан петмина активисти од регионот зборуваа за состојбата на студентите, правата, предизвиците и начинот на кој тие можат да го кренат својот глас, и најважно, како тој глас да биде слушнат.
Никола Малетиќ од Србија, зборувајќи за протестите на студентите во Србија, рече дека тие го присвојуваат достоинството.
„Луѓето во Србија не им веруваат на лидерите, тоа што беше добро е дека ние немавме лидер, туку го создадовме заедно. По прв пат гледаме како младите се вклучуваат во еден процес“, рече Малетиќ.
Емина Мусија од Босна и Херцеговина, зборувајќи за состојбата во нејзината земја, како некој што работи со младите, рече дека тие не веруваат многу дека протестите може да направат големи промени, и тоа е така поради системот.
Миген Ќираџи од Албанија зборуваше за студентските протести во Албанија, при што рече дека протестите можат да донесат промени.
„Се трудиме да ги ангажираме студентите. Немаме сè што сакаме, но со секој протест сме постигнале нешто“, рече Ќираџи.
Дибран Хоџа од Косово нагласи дека треба да се добие вниманието на луѓето, посебно на младите, за да се пренесат пораките. Тој го спомна нивното искуство со разоткривањето на плагијатите.
„Ги разоткривме плагијатите на професорите во Косово, маскирајќи се како нив… Откако привлековме внимание преку креативност и сарказам, ние ја пренесовме нашата порака“, рече, меѓу другото, Хоџа.
Кристина Јанковиќ од Црна Гора, зборувајќи за предизвиците со кои се соочуваат младите во нејзината земја, спомна дека тие наскоро ќе станат земја членка на ЕУ, но го покрена прашањето дали ќе се повтори сценариото од Хрватска кога многу млади луѓе ја напуштија земјата и заминаа во поразвиените земји на ЕУ.
За време на една интерактивна дискусија во форматот „fireside chat“, Владимир Мартиновски – декан на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Викторија Постоловска од ФПО дискутираа за тоа како јазикот во високото образование често се претставува како неутрален, објективен и авторитативен. Тие дискутираа за тоа како академскиот јазик може да го зајакне растојанието помеѓу професорите и студентите, обликувајќи го не само начинот на кој се споделува знаењето, туку и тоа кој се чувствува овластен/а да учествува во него.
Во истиот формат за ситуацијата на младите во Западен Балкан дискутираа и Вљора Речица од Фондацијата Отворено општество и Гуѕим Нухиу. Овој разговор фрли светлина врз најприфатената лага на младите генерации: дека промената е нешто што ни се случува, а не нешто што самите го создаваме.
Во тек на денот младите имаа можност да учествуваат во една од трите работилници: ВИ на менито – образованието, студентите и алгоритмите; Привлекување на вниманието од медиумите: Како да ги раскажуваме приказните за да бидат слушнати; Зависноста од допаминот и дигиталната благосостојба.
За прв пат беше прикажана изложбата „Resistance“ со интервјуа на 11 активисти од целиот регион кои вршеле креативна герилска работа за промени.
За време на форумот беше промовиран и прирачникот со 22 колумни напишани за ФПО, сите со фокус на промените во образованието и младите. Како и секоја година. И оваа година беше усвоена студентската резолуција. Оваа година Студентскиот форум се одржа во CoWork21, при што влезот беше слободен
за сите. Потсетуваме дека првото издание на Студентскиот форум се одржа во март 2024 година, а
второто издание се одржа во мaj 2025 година.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место