Судење: Одбраната негира градежни пропусти за „Пулс“

Судење: Одбраната негира градежни пропусти за „Пулс“

На денешното рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одбраната на обвинетите градежни инспектори истакна дека причината за пожарот не е поради градежни пропусти на објектот. Инспекторите, според нив, не можеле да постапат бидејќи немало пријава или наредба за инспекциски надзор. Тие изразија сочувство кон семејствата на жртвите.

Аргументите на одбраната

Адвокатите на обвинетите нагласија дека делото за кое се обвинува седмообвинетиот Огњен Георгиев е застарено. Градежните активности биле само реновирање, без пренамена, што сопственикот го правел без пријава. Инспекторите не можеле да знаат дека во објектот има кабаре, особено ако живееле надвор од Кочани.

Адвокатот Јован Танчев истакна дека „обвинителниот акт е паушален и правно неиздржан, се темели на погрешна примена на материјалното право и недостаток на докази“.

Протест на родителите на загинатите во Кочани 15.11.2025
Родителите на загинатите деца се надеваат на правда

Одбраната на поранешниот градоначалник Ратко Димитровски

Одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, истакна дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последична врска. Според адвокатката Ангела Соколова, Димитровски не само што немал намера или умисла, туку бил единствениот кој реагирал и поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотека или кабаре уште пред објектот да започне со работа.

„Ќе докажеме дека обвинетиот не е виновен за делото што му се става на товар“, рече Соколова. Таа нагласи дека општината не е надлежен орган за издавање лиценца за дискотека и дека градоначалникот немал ингеренции за контрола на вакви објекти.

Димитровски во својот воведен говор изјави: „Изненаден сум што сум на обвинителна клупа за нешто против кое сум реагирал пред 13 години. Не може да има правда со заменски обвинети“.

Обвинението и трагедијата

Според обвинителството, инспекторите свесно не постапиле по службена должност, иако знаеле дека објектот е пренаменет од индустриски во угостителски без одобрение и спротивно на урбанистичкиот план.

Со непостапувањето овозможиле дискотеката да работи без безбедносни стандарди, што довело до пожарот на 16 март годинава, кога загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени.

Реакција на семејствата

Родителите на загинатите пред судот поставија транспарент со ликовите на сите 63 жртви, порачувајќи дека е контрадикторно што никој од обвинетите не се изјаснил за виновен. „Никој немаше ниту грам совест да ја признае вината. Се надеваме на правда за нашите деца“, изјави една од мајките.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска. Процесот се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и бројни новинари.

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Филипче: Сѐ што најавивме се оствари, дупка од две милијарди евра, анти-ЕУ кампања за изолација

Филипче: Сѐ што најавивме се оствари, дупка од две милијарди евра, анти-ЕУ кампања за изолација

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција по завршувањето на лидерската средба рече дека …