Во Основниот кривичен суд Скопје започна судењето против 13 полицајци обвинети во предметот за пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани,каде на 16 март 2025 година, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На првото рочиште обвинетите полицајци изјавија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителството, пак, оцени дека токму нивните пропусти во постапувањето придонеле за трагичните последици и ја отвори темата за одговорноста.
Обвинителството: Пропусти кај полицајците довеле до последици
Обвинителката Спасенка Андонова истакна дека Обвинителството спровело обемна истрага и обезбедило бројни материјални и вербални докази.
Според обвинението, во периодот од 14 до 16 март 2025 година, постапките на обвинетите биле меѓусебно поврзани и довеле до сериозни последици по животот и здравјето на граѓаните. Обвинителството тврди дека дел од обвинетите изготвиле нецелосен акциски план без соодветна процена на ризик, додека раководните лица не го одобриле навреме. Покрај тоа, полицајците кои биле во „Пулс“ не презеле мерки за спречување на употребата на пиротехника, иако можеле да ја забележат.

Одбраната: Нема одговорност кај обвинетите
Одбраната, пак, оцени дека обвинението е контрадикторно и дека не постои причинско-последична врскамеѓу постапувањето на полицајците и пожарот. Според нив, обвинетите постапувале согласно акциски план и не можеле да предвидат употреба на пиротехника. Дополнително, дел од нив биле кратко време присутни во објектот или воопшто не влегле во него. Одбраната најави дека во текот на судењето ќе докажува дека акцискиот план бил законски донесен и дека нема основ за кривична одговорност.
Според обвинението, на денот на трагедијата полицајците биле ангажирани и како дежурни и во рамки на акциска контрола во дискотеката. Во критичната ноќ тие не ја прекинале забавата ниту спречиле активирање на пиротехничките средства, што довело до пожарот во „Пулс“ во Кочани.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место