Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи, откако вчера Скендер Бузаку се прогласи за нов Реис-ул-улема на ИВЗ, рече дека на вонредниот состанок во Факултетот за исламски науки во Кондово, Ријасетот решил дека ќе се вклучи во пропагандата против власта доколку нема реформи во правосудството во земјата. Според него, со фалсификуван судски процес им е преземено седиштето, а тој е разрешен и бара казна за судијката, известува „Порталб.мк“. Реџепи исто така посака смрт на судијката што ја донела одлуката, што беше поздравено со аплауз!
Претходно во текот на денот, Скендер Бузаку, поранешен секретар на скопското муфтиство на ИВЗ рече дека тој ќе биде новиот поглавар на заедницата, според одлуката на судот што тој ја поседува.
Седиштето на ИВЗ вчеравечер беше окружено со полиција.
– Ова е полициска држава, нема законодавна, ниту судска власт, нема ништо што е независно. Ријасетот на ИВЗ е огорчен и многу загрижен, ова е големо зло за нас. Имавме надеж кај структурите на власта, имаше ветувања дека ќе се спроведат огромни реформи, како во областа на правдата и други реформи. Но јас се чувствувам виновен поради тоа што дадовме мислења претходно, верувајќи им на оние што лажат, тие се големи лажговци. Довербата меѓу ИВЗ и владините структури во Македонија да не кажам дека не постои, но е близу до нула – рече Реџепи и истакна дека не се плаши од полицијата и дека денеска ќе отиде на работа во седиштето на ИВЗ.
Тој отфрли секакви наводи за злоупотреби во текот на неговото раководење со ИВЗ.
– Состојбата треба да промени од корен за да имаме соживот. Ги повикувам сите граѓани на Македонија без оглед на религиската и националната припадност да бидат внимателни, доколку сакаат оваа држава да напредува мора да имаат совест, морал. Нема да прифатиме да бидеме предмет на измами. Скендер Бузаку побарал да интервенира финансиската полиција. Нема сила која може да спречи поединец на ИВЗ, сите сме солидарни, сите сме за еден, еден за сите. Нема никаква злоупотреба. Кога сакале доаѓале и вршеле контроли – продолжи Реџепи.
Тој рече оти слушнал дека судијката која ја донела одлуката за негово разрешување страда од здравствени проблеми, и додаде „нека умре, не ми е жал“, рече Реџепи, по што доби аплауз од поддржувачите.
Скендер Бузаку изјави дека тој ќе биде новиот реис на ИВЗ, според одлуката на судот што тој ја поседува.
– Побаравме од Финансиската полиција да изврши увид во работата на финансискиот сектор во ИВЗ, како се работело и како се трошеле парите. Од утре ќе продолжиме со нашата работа. Јас сум сега новиот реис, според судска одлука и според интерните акти, утре ќе дадам детали. Во ИВЗ нема пуч, како што изјавил Реџепи бидејќи сите интерни акти се почитувани. ИВЗ ја очекува нов ера и ќе оди многу понапред. Јас не ја повикав полицијата на улица – рече Бузаку.
Според него, сите постапки за промена на раководството се спроведени на демократски начин. Во одлуката која ја поседува весникот КОХА, се вели дека Бузаку е назначен за нов Реис на Здружението на граѓани Исламска верска заедница со адреса „Чаирска 1000“.
– Реџепи има вработено многу членови на семејството во ИВЗ. Ако сака може да поднесе жалба до судот, ние продолжуваме според одлуките на институциите – рече Бузаку.
Според членот на Исламската Верска Заедница, Мухамер Весели, Реџепи сè уште е претседател на Исламската верска заедница, бидејќи според Весели, него не може да го разреши судот, туку само ИВЗ.
– Мула реис Сулејман Реџепи не е разрешен, не е отповикан, тој сè уште е претседател на ИВЗ, не е надлежност на суд да го разреши него, ниту еден суд во Северна Македонија не може да одлучи за негово разрешување, основното право за тоа припаѓа само на ИВЗ – рече Весели.
Инаку, уште во 2015 година започнаа судирите меѓу две групи во ИВЗ, помеѓу „Движење за реформи во ИВЗ“, која бараше разрешување на еисот, а чиј дел беше и Бузаку, и помеѓу Сулејман Реџепи и неговите приврзаници. „Движењето за реформи во ИВЗ“ на 12 дена го презеде раководењето со седиштето на ИВЗ, но подоцна се повлекоа од седиштето, а некои беа осудени за условна затворска казна од Основниот Суд Скопје I за сторено кривично дело учество во група и нарушување на јавниот ред и мир и беа обврзани да платат обештетување на ИВЗ. Ријасетот на ИВЗ, предводен од Реџепи, одлучи да ги санкционира лицата кои го презедоа седиштето на оваа институција и ги исклучи од членство. Оттогаш процесот продолжи да се одвива во судовите.
Пред неколку недели, ИВЗ се судри и со Владата на Македонија околу прашањето на денационализацијата на имотите. А, пак, минатата година премиерот Зоран Заев рече дека институциите ќе ја контролираат работата на Исламската верска заедница. Исто така, откако бараше во Собрание, пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, се обрати и до Специјалното јавно обвинителство со барање за контрола на телефонските разговори за да се утврди дали има некакви злоупотреби од страна на ИВЗ. Од обвинителството нема никаква информација дали е преземена било каква активност.
Инаку, Хелсиншкиот Комитет за човекови права (ХК) во април годинава, поднесе кривична пријава до МВРи за говор на омраза од страна на претседателот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, известува Порталб.мк.