Сугарески: Експресниот пат Градско - Прилеп ќе биде завршен во предвидениот рок

Сугарески: Експресниот пат Градско – Прилеп ќе биде завршен во предвидениот рок

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и  директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, извршија увид во изградба на експресниот пат Градско – Прилеп.

Изградбата на експресниот пат се одвива во три фази и тоа:  Првата делница од Градско до Дреново во должина од 16 километри, втората делница од клисура Дреново до Фариш во должина од 10 километри и третата делница од Прилеп до мост на Ленишка река и изградба на трета лента од с. Беловодица до каменолом Маврово во должина од 7,5 километри.

Вкупниот прогрес на градежните работи е 20%, во тек е изведба на мостовските конструкции како и земјени работи.

Министерот Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Китанов, денеска извршија увид во изградба на втората фаза од овој експресен пат.

„Наследивме огромни проблеми што се јавија при изградба на оваа фаза, проблеми со експропријацијата, со проектираниот тунел и со археолошки наоѓалишта. Но со директорот континурано преговараме со изведувачот како да ги надминиме овие проблеми и да ја забрзаме изградбата. Мислам дека сме на добар пат, наскоро ќе се потпише анекс на договорот за да утврдиме краен рок за изградба и ве уверувам дека ќе се држиме до тој рок. Друга работа што сакам да спомнам е дека во тек е изградба и на делницата од Градско до Дреново, а исто така да најавам и дека наскоро ќе се распише тендер за последната делница од Прилеп до мост на Ленишка река и проширување на делот кај Каменоломот. Средствата за оваа делница се веќе обезбедени од ИПА, така да ја имаме заокружено целата финансиска рамка за изградба на овој пат”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Во однос на значењето на експресниот пат, министерот Сугарески потенцираше дека оваа е една од клучните патни делници што ја поврзува Пелгонија и регионот, заради побрз и безбеден превоз на стока и патници.

Директорот на ЈП за државни патишта информираше дека  наследените состојби се надминуваат а во наредниот период ќе се забрза динамиката на изградба.

„Кога прват извршивме увид во изградбата наидовме на многу субјективни и објективни проблеми. Но во изминатиот период посветивме многу време на разрешување на сите проблеми и верувам дека во наредниот период ќе ги динамизираме работите. Исто така сакам да појаснам дека како продолжение на овој експресен пат, се планира и проширување на патниот правец од Прилеп до Битола за што се изработува проект, се реконструира обиколницата Битола а планираме и изградба на нов експресен пат од Битола до Меџитлија” изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Вкупната инвестиција за изградба на експресниот пат Градско – Прилеп е околу 60 милиони евра, средства обебзедени од ИПА 2, од ЕБОР како и од буџетот на Република Македонија.

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …