Сугарески: Министерството работи на развој на локалните гасоводни дистрибутивни мрежи

Сугарески: Министерството работи на развој на локалните гасоводни дистрибутивни мрежи

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска оствари работна посета на општина Ѓорче Петров, каде заедно со градоначалникот Александар Наумоски извршија увид во градежните работи за реконструкција на улица 62, во населеното место Кисела Јабука.

Во текот на средбата, министерот Сугарески и градоначалникот Наумоски разговараа за проектите што се реализираат во општината со поддршка на Министерството за транспорт и врски, како и за проектите што општината ги спроведува самостојно.

Во изјава за медиумите, министерот Сугарески истакна дека Централната власт ќе продолжи да биде партнер и поддржувач на општините и ќе продолжи да работи на реализација на капитални проекти кои економски ќе ја зајакнат земјата и ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.

Во продолжение следува изјавата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

„Во рамките на мојата работна посета на општините во Република Македонија, денеска сум во скопската општина Ѓорче Петров. За време на средбата со градоначалникот Наумоски разговаравме за проектите што се реализираат во општината со поддршка на Министерството за транспорт и врски, како и за проекти кои општината ги спроведува самостојно. Поголем дел од разговорот посветивме на локалната инфраструктура и проектот за рехабилитација и реконструкција на општинските патишта што се реализира преку Министерството за транспорт и врски, а е од клучно значење за жителите на Ѓорче Петров и блиските населени места.

Во моментов се наоѓаме во населеното место Кисела Јабука, каде заедно со градоначалникот извршивме увид во градежните работи за реконструкција на улица 62. Последните подготовки се при крај и очекуваме улицата да биде асфалтирана во следниве неколку дена. Сакам да истакнам дека наша цел како централна власт е да бидеме партнер и поддржувач на општините, со цел заеднички да работиме на реализацијата на капитални проекти кои економски ќе ја зајакнат нашата земја и пред сè, ќе го олеснат и  подобрат животот на сите граѓани. Во таа насока, Министерството за транспорт и врски е посветено на реализација на капитални проекти од клучно значење за квалитетот на живот на граѓаните. Периодов интензивно работиме на изградба и рехабилитација на патната инфраструктура, подобрување на водоводните и канализационите мрежи, изградба на пречистителни станици и санација на мостови. Исто така, сакам да истакнам дека паралелно со изградбата на магистралниот гасовод која е во тек, се работи и на развој на локалните дистрибутивни мрежи во повеќето градови низ земјата, се со цел побрзо да се дистрибуира гасот до секое семејство во Македонија.

Друго што сакам да нагласам е дека од кредитната линија од ЕИБ, на располагање остануваат околу 12 милиони евра неискористени средства. Затоа ќе ја искористам оваа прилика да ги повикам сите општини кои сè уште во целост не ги искористиле средствата од ЕИБ, што поскоро да изготват проекти и да ги достават до Министерството за транспорт и врски, со цел да можат да ги искористат парите кои им се распределени. На крај, уште еднаш ќе нагласам дека локалните самоуправи можат да сметаат на поддршката од страна на Централната власт. Тука сме да им помогнеме и заеднички да работиме за подобар живот на сите граѓани“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …