Сугарески: Првиот квартал го завршивме со повисока реализација на капитални инвестиции споредено со изминатата година

Сугарески: Првиот квартал го завршивме со повисока реализација на капитални инвестиции споредено со изминатата година

  • Капиталните проекти се одвиваат со силна динамика и заклучно со месец април, реализацијата на капиталните инвестиции за оваа година е на повисоко ниво споредено со истиот период 2019 година- изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната работна посета на општина Пробиштип.

„Од почетокот на годината до сега имаме силна динамика на реализација на капиталните инвестиции. Затоа, уште на почеток сакам да ги отфрлам сите шпекулации за крах на капиталните инвестиции и одговорно тврдам дека тоа не е точно.

Ние како Влада сме транспарентни во однос на нашата работа и во однос на реализацијата на капиталните инвестиции, а граѓаните можат да го проверат тоа што го тврдам со помош на алатката на Министерството за финансии, каде постојано објавуваме точни информации за процентот на реализација за секој квартал.

Она што особено сакам да истакнам е дека и покрај здравствената криза со која се соочуваме, во ресорот Транспорт во првите четири месеци од оваа година имаме повисок процент на реализација на капитални инвестиции споредено со истиот период изминатата година. Се наоѓаме сред силна градежна сезона и верувам дека со олабавување на мерките, градежните работи уште повеќе ќе се интензивираат.

Што се однесува на изградбата на социјални станови во Пробиштип, Бутел, Неготино, Виница и Свети Николе, градежните работи се одвиваат со забрзано темпо, а средствата во висина од 3 милиони евра предвидени со Буџетот на Министерството за транспорт и врски нема да бидат намалени со никаков ребаланс на Буџетот и ќе бидат искористени за многу брзо време.

Кога станува збор за општина Пробиштип и регионот, сакам да нагласам дека има интензивна динамика на активности на патниот правец Пробиштип-Крупиште кој очекувам согласно предвидените рокови да биде комплетно реконструиран до месец август, што ќе овозможи вклучување кон новиот експресен пат Штип-Кочани.

Пред само неколку дена, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов извршивме увид во градежните работи каде забележавме дека изградбата на експресниот пат се одвива со доста брзо темпо и во најбрз временски период ќе биде завршена првата фаза од експресниот пат, односно делницата Штип-Крупиште.

Покрај патната инфраструктура и изградбата на социјални станови, само во моментов работиме на дваесетина  проекти за изградба на водоводи и канализации, изминатиов период завршивме околу триесет комунални проекти, а во текот на овој и следниот месец ќе бидат објавени тендери за уште петнаесетина нови проекти.

Исто така, интензивно се работи во делот на гасификацијата и очекуваме до крајот на годината да биде завршен магистралниот  гасовод  Неготино-Битола и Скопје-Гостивар.

На крај ќе истакнам дека Министерството за транспорт и врски ја заврши измината година со 86% реализација на капитални инвестиции, па ако се земе во предвид фактот дека оваа година во првиот квартал имаме повисока реализација споредено со истиот период за 2019 година, тогаш очекувам тековнава година да ја завршиме со уште поголем успех“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …