Сугарески: Ресорот транспорт има одлична реализација на капиталните инвестиции

Сугарески: Ресорот транспорт има одлична реализација на капиталните инвестиции

За седум месеци од годинава се реализирани 24,5 отсто од владините средства наменети за капитални инвестиции, покажуваат податоците на Министерството за финансии. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска посочи дека капиталните инвестиции во неговиот ресор имаат одлична реализација во периодот јануари – јули.

– Во делот на гасификацијата реализирани се 71 отсто од планираните инвестиции, во делот на патната инфраструктура се реализирани околу 50 отсто од планираните инвестиции, во изградбата на социјални станови бележиме 100 отсто реализација, работиме на дваесетина проекти во изградба на водоводи и канализации во вредност од околу 10 милиони евра, изградбата на пругата кон Бугарија е засилена и очекуваме делот од Куманово до Бељаковце следната година да биде завршен – изјави министерот Сугарески.

Од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека и во наредните месеци ќе продолжат со забрзана реализација на проектите, со цел да се зголеми процентот на реализирани капитални инвестиции.

Од владата засега нема одговор кај кои министерства и институции има застој во реализацијата на капиталните инвестиции предвидени со овогодинешниот буџет. Бројките на Министерството за финансии покажуваат дека од проектираните 422 милиони евра, за капитални инвестиции годинава заклучно со јули се потрошени само 103 милиони евра. Сепак, овие статистички податоци не даваат одговор на тоа кое министерство колку потрошило поединечно во делот на реализацијата на клучните проекти.

Владините очекувања се малиот процент на остварување на капиталните инвестиции да се подобри во третиот и во четвртиот квартал од годинава, со што ќе се зголеми нивната вкупна реализација за 2019 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Депонијата на Југохром му се заканува на Рашче, подземните води имаат 50.000 пати повеќе шестовалентен хром од дозволеното

Депонијата на Југохром му се заканува на Рашче, подземните води имаат 50.000 пати повеќе шестовалентен хром од дозволеното

Подземните води во околината на депонијата на Југохром се загадени и до 100.000 пати повеќе …