Сугарески: Транспортната индустрија континуирано се соочува со нови предизвици

Сугарески: Транспортната индустрија континуирано се соочува со нови предизвици

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, присуствуваше на втората Меѓународна конференција за транспорт, што се оддржа во Битола во организација на Техничкиот факултет во Битола.

Во своето обраќање, тој ги потенцираше политиките што ги презема Република Македонија во искористување на современите информациско комуникациски технологии што се употребуваат во транспортот.

“Оваa Конференција за нас како ресорно министерство е многу важна затоа што имаме намера во реализација на инфраструктурните проекти да ги примениме новите технологии што веќе се употребуваат во развиените земји”, изјави министерот Сугарески.

Министерот се осврна на новата технологија што за прв пат се употребува во Контролниот центар во Неготино од каде што се врши мониторинг на сообраќајот на новата автопатна делница Демир Капија-Смоквица. Потоа го потенцираше електронски систем за наплата на патарините како и новиот проект на Министерството за транспорт и врски за изработка на интелигентен транспортен систем на Коридорот 10 со кој значително ќе се подобрат перформансите во безбедноста, заштитата на животната средина и искористување на инфраструктурата.

Во продолжение интегралниот говор на министерот Сугарески:

“Темата на која денеска ќе се отворат стручни дебати и дискусии е од особена важност не само за Република Македонија, туку генерално за цел регион со оглед на тоа што технички и технолошки заостануваме зад развиените земји кои имаат високи достигнувања во сообраќајното транспортно инжењерство.

Затоа ова се теми на кои треба да посветиме поголемо внимание и вие како стручна јавност и ние како политичари и заеднички да иницираме нови насоки во развој на транспортните политики, особено на Паневропските коридори.

Транспортната индустрија континуирано се соочува со нови предизвици како резултат на глобализацијата, либерализацијата на пазарите и дерегулацијата во транспортниот сектор. Затоа потребно е следење на сите технолошки достигнувања заради нивна имплементација и искористување на предностите што ги нудат.

Главна улога во овие процеси има користењето на ресурсите на информациско-комуникациските технологии, како еден од најефикасните начини за подобрување на ефикасноста во транспортот.

Ние можеме да се пофалиме со контролниот центар во Неготино од каде централизирано и во реално време се врши мониторинг на сообраќајот во тунелите на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица. Ова ни овозможува зголемување и контрола на  безбедноста во сообраќајот.

Контролниот центар е прв од ваков тип во регионот.

Исто така, во фаза на воведување е и електронски систем за наплата на патната такса долж Коридорот 10. Овој модерен систем ќе го исклучи човековиот фактор од наплата на патарината со што наплатата ќе се врши електронски со картички или тагови. Ова ќе овозможи брз транспорт на стока и патници.

Друга работа што сакам да ја потенцирам е дека во Министерството на транспорт и врски работиме на изработка на проект на интелигентен транспортен систем на Коридорот 10.

Тој треба да придонесе за подобрување на перформансите на транспортниот систем, подобро искористување на постоечката инфраструктура, унапредување на безбедноста во сообраќајот, поквалитетна услуга во јавниот превоз, помали трошоци во транспортот, како и намалување на негативното влијание врз животната околина.

Транспортот е една од главните движечки сили на економскиот раст. Заради тоа, дефинирањето на јасни стратегии за развој на севкупната транспортна политика е од клучно значење за секоја земја.

Во таа насока, Министреството за транспорт и врски изработи Националната транспортна стратегија за период 2018-2030 година.

Главните цели на Транспортната стратегија се:

  • да се осигура економската одржливост во развојот, управувањето и одржувањето на транспортните системи,
  • да се подобри безбедноста во сообраќајот
  • да се развие мулитмодалниот транспорт
  • да се подобри одржливоста на животната средина
  • и изградба на инфраструктура по европски стандарди како дел од  единствениот транспортен систем во регионот и пошироко.

Предлог стратегијата е веќе објавена на веб страната на Министерството за транспорт и врски и во текот на следниот месец очекуваме препораки и коментари од целокупната стручна јавност во државата.

Се надевам дека од оваа конференција ќе произлезат нови идеи и решенија за како да го подобриме транспортниот систем во Република Македонија,” истакна министерот Сугарески.

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …