Сугарески: Во втората половина од 2018 година ќе имаме силен раст во градежништвото

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески заедно со заменик министерот за транспорт и врски, Садик Беќири,  директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов и директорот на ЈП Македонија пат, Гајур Кадриу извршија увид во реконструкција на државниот пат Гостивар – Колари. Патот е во должина од 28,5 километри, вредноста на инвестицијата изнесува 4 милиони евра, средства кои се обезбедени од Буџетот на ЈП за државни патишта.

Во изјава за медиумите министерот Сугарески истакна дека во следниот период ќе биде забележан сериозен раст на градежништвото, како резултат на силните инфраструктурни зафати што се одвиваат во Република Македонија.

„Во втората половина од 2018 година ќе имаме силен раст во градежништвото. Ова го тврдам со сигурност бидејќи некаде во месец март отпочна силна градежна офанзива на целата територија на државата во изградба на патишта, пруги и други капитални проекти и резултатите ќе бидат видливи следниот квартал кога очекувам драстично зголемување. Ова е многу важно затоа што е директно поврзано со Бруто Домашниот Производ“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Во однос на проектите кои ќе се реализираат во изградба и реконструкција на патната инфраструктура во  западниот дел на Македонија, министерот Сугарески изјави дека покрај рехабилитацијата на овој пат, оваа година ќе започне и реконструкција на магистралниот пат Колари – Кичево,  а паралелно се одвива и проектирање за изградба на  нов автопат Гостивар – Кичево. Изградбата на новиот автопат ќе се одвива во три фази. Во тек е изработка на основен проект за изградба на првата фаза Кичево – Букјачани.

Директорот на ЈП за државни патишта во изјавата за медиумите истакна дека рокот за реализација на проектот за рехабилитација на државниот пат Гостивар – Колари е продолжен до ноември, а во меѓувреме се санираат и 5 мостови на овој патен правец, со што до крајот на ноември оваа година ќе имаме комплетно рехабилитиран пат.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …