Свечено отворање на Летната школа по мајчин јазик на Аенцијата за иселеништво

Вчера попладне, во просториите на Конгресниот центар во Охрид, беше отворена свечената манифестација, по повод десеттата Летна школа за изучување мајчин јазик, проект на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија. Основната мисија и цел на функционирање на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија е поттикнување, помагање и одржување на националниот идентитет кај иселениците, преку негување на мајчиниот јазик, културата и традиционалните вредности на иселениците во средините каде што живеат.

Оваа година е мал јубилеј на Летната  школа  за изучување на мајчин јазик, којашто секоја година се реализира традиционално во Охрид. На оваа школа учествуваат деца на иселеници од земјата кои имаат за цел да го изучат јазикот на нивните родители. Преку најразлични забавни и едукативни активности, децата на иселениците ќе  имаат можност да се запознаат и да ги научат  историја, традиција, култура и јазик на Република Македонија.

Оваа година, на големо задоволство на директорот на Агенцијата за иселеништво на  Република Македонија е големата посетеност и желба за изучување на мајчиниот јазик од страна на децата на иселениците од  Македонија. Четириесет и пет деца од  Република Србија, Република Хрватска, Република Италија, Република Австрија, Република Турција, Сојузна Република Германија, Кралството Англија и Кралството Данска,  се дел од десетата Летна школа.

Директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов, посочи дека овој проект на Агенцијата е од клучно значење за промоцијата на земјата во делот на историја, традиција, култура и јазик, воедно и во намалувањето на се поголемиот број на најмладата популација на иселеници кои не го познаваат јазикот на родителите, а со тоа и поттикнување на чувството за припадност кон државата на потеклото, Република Македонија.

Воедно, Агенцијата за иселеништво стои на позициите дека и во иднина ќе продолжи со давањето на поддршка кон сите иселеници и иселенички организации без разлика на етничката, половата и религиозната припадност  кои се залагаат за промоција на македонската историја, традиција, култура и јазик, посочи директорот во своето обраќање.

Агенцијата за иселеништво на Република Македонија  во своето работење, при остварувањето на своите работни задачи и реализација на веќе постоечките проекти, соработува со Кабинетот на министерот задолжен за дијаспора г. Едмонд Адеми. Заедничкото работење на двете институции овозможува подобро и поуспешно имплементирање на политиките коишто имаат за цел  реализација  на потребите, целите и интересите на иселениците од земјата.

По повод  јубилејното отворање на десеттата по ред Летна школа учествуваше и министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, кој имаше свое обраќање за  учениците, наставниците и други присутни, по повод отворањето на Летната школа.

Министерот Адеми нагласи дека оваа веќе традиционална Летна школа, претставува многу битна институционална државна активност во однос на поврзувањето меѓу државата и најмладите генерации иселеници по потекло од Македонија и во континуитет претставува посебна вредност во насока на зачувување на националните, образовните, културните и традиционалните вредности, пренесени изворно кон најновите генерации на нашите иселеници по целиот свет.

Оваа активност и во наредните години ќе продолжи и со други културни и образовни содржини, се со цел да ја зајакне свеста кон помладите генерации на нашите иселеници во светот за нивното потекло во сите области од витален интерес и тоа пред се за нивниот национален и културен идентитет од земјата на нивното потекло.

На крајот министерот Адеми им посака на учесниците на Летната школа успеси и пријатен помин  на овој преубав дел од Македонија, Охридското езеро и неговата околина.

Не, не се плашиме да кажеме дека мајчин јазик е македонскиот јазик, дека мајчин јазик е албанскиот јазик,…или било кој друг јазик, бидејќи мајчин јазик е мајчин јазик, на било кој и да е јазик! – посочи министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …