Сведоштва од Украина

Сведоштво од Украина: Жени со бебиња чекаат по 30 часа на снег и виулици за да стигнат на безбедно

Хуманитарната волонтерка Алисон Томсон, која за време на бегалската криза во Грција им помагаше на многу луѓе кои бегаа од војната во Сирија, сега е во Украина. Нејзината мисија овој пат е да помогне во евакуацијата на сирачиња со посебни потреби, но и други деца кои останале без покрив на главата.

Фото: Алисон Томпсон приватна архива

Таа за Мета.мк раскажа низ каква голгота поминуваат децата додека траат борбените дејствија, чекајќи да се евакуираат од украинските градови што се опколени од руската војска.

Фото: Алисон Томпсон приватна архива

„Беше многу тешко да се дојде до сирачињата со посебни потреби, тоа е тековна мисија, многумина се во бомбардирани градови и под руска окупација. Вчера се сретнав со воениот командант задолжен за сета хуманитарна помош што оди на првите линии во Украина и поставив добра медицинска рута до првите линии“, вели Алисон.

Таа сега се враќа во Америка за да донесе уште медицински донации кои преку нејзината организација Third wave volunteers успеала да ги собере.

Вели дека она што е најпотребно во моментов е да се обезбеди прав за згрутчување на крвта, завои и други медицински средтва за пружање на прва помош на ранетите. Исто така, Алисон обезбедила и соларни светилки за луѓето кои се засолнети во места каде што нема струја.

„Жени со бебиња чекаат 30 по часа на снег и виулици за да стигнат на безбедно. Сè уште имаме многу деца на списокот за евакуација. Конечно доаѓаме до нив и до некои други и ги преместуваме на безбедно,“ рече волонтерката.

Алисон и нејзините пријатели во Киев имаат создадено мрежа за помош во достава на храна на 15.000 бебиња, но вели дека за да успеат во евакуацијата на сиропиталиштата вложуваат многу напори.

Фото. Алисон Топмсон приватна архива

„Неверојатно е да се види стравот и отпорот од директорите на сиропиталиштата и потребата од воено спроведување за евакуација. Нешто на што никогаш не мислевме дека ќе наидеме. Моравме да ги преместиме „рајот и пеколот“ за да ги извлечеме овие деца и другите подеднакво,“ вели Алисон.

Волонтерката е задоволна што во следните 24 часа со тимот кој ја спроведува акцијата ќе успеат преместат околу 350 деца.

„Само што купивме уште еден автобус кој ќе биде на пат за Киев и ќе помогне во преместувањето на децата. Ќе продолжиме да преместуваме помали групи сирачиња“, рече Алисон.

Инаку, според податоците на агенциите на Обединетите нации, бројот на луѓе кои досега ја напуштиле Укрина бегајќи од воената агресија на Русија се ближи до 3 милиони.

Според информацијата која денес ја објави Укринформ, руската војска досега убила 90 деца во Украина, а повеќе од 100 деца се ранети поради руската воена агресија. Најмногу жртви се регистрирани во регионот на Киев, регионот Харков, регионот Доњецк, Чернихив, Суми, Херсон, Миколаев и Житомир.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Руски проектили погодија станови во Киев

Повеќе експлозии одекнаа во станбена населба во украинскиот главен град рано на 26 јуни, оставајќи …