Ози Озборн

Светот се простува од Ози Озборн – легендата на хеви-металот почина на 76 години

Фановите, музичарите и поранешните колеги од Блек Сабат му оддаваат почит на „принцот на темнината“, чие наследство засекогаш го промени рокот. Од Елтон Џон до Металика, целиот музички свет жали за човекот кој дефинираше еден жанр

Фанови, музичари и поранешни колеги од бендот му оддаваат почит на Ози Озборн, фронтменот на пионерскиот хеви-метал бенд Блек Сабат, кој почина на 76-годишна возраст.

„Изгубивме брат“, изјави коосновачот на бендот, Тони Ајоми, додека басистот Теренс „Гизер“ Батлер се присети на нивниот последен настап, а тапанарот Бил Вард сподели заедничка фотографија.

Смртта на легендата на рок музиката во вторникот, која ја соопшти неговото семејство, се случи само неколку недели по неговиот проштален концерт во родниот град Бирмингем.

„Со тага што зборовите не можат да ја изразат, мораме да соопштиме дека нашиот сакан Ози Озборн почина утрово“, објави неговото семејство. „Беше опкружен со семејството и љубов“, додаваат тие.

Озборн, познат по своите енергични и контроверзни настапи, инспирираше генерации музичари.

„Невозможно е да се опише што значеше Ози Озборн за Металика“, објави бендот на својот официјален профил на X. „Херој, икона, пионер, инспирација, ментор и, најмногу од сè, пријател“, додадоа тие.

Хенри Ролинс, поранешен фронтмен на хардкор бендот Блек Флег, рече дека е „реткост некој да биде толку голем синоним“ за одреден музички жанр.

„Но, ако зборуваме за хеви металот, најпрво се спомнуваат Ози Озборн и Блек Сабат. Сите други доаѓаат потоа“, додаде тој.

Американскиот рок бенд Аеросмит го нарече „нашиот брат во рокот“, испраќајќи љубов до „милионите ширум светот кои ја почувствуваа неговата енергија“.

Членовите на Блек Сабат споделија свои одделни почести на социјалните мрежи.

Тапанарот Бил Вард се присети на заедничките моменти: „Каде да те најдам сега? Во спомените, во нашите неискажани прегратки, во пропуштените повици? Не, засекогаш си во моето срце“.

Гитаристот Тони Ајоми рече дека „никогаш нема да има друг како него“, а басистот и текстописец Гизер Батлер напиша: „Збогум, драги пријателу. Благодарам за сите тие години, беше прекрасно. Четири деца од Астон, кој би помислил, а?“

Помалку од три недели претходно, самонаречениот „принц на темнината“ настапи во Бирмингем поддржан од многу музичари кои ги инспирирал, меѓу кои Металика и Ганс ен розес.

Били Корган, фронтмен на Смешинг Пампкинс, еден од многуте бендови што настапија заедно со него, рече: „Некои од најголемите музички уметници на светот дојдоа од различни краеви за да ја прослават оставштината на овој бенд“.

„Тоа беше еден од најголемите музички моменти во мојот живот,“ додаде Корган за Би-Би-Си радио 4.

„Фактот што беше толку блиску до смртта на 5 јули, а сепак излезе на сцена и настапи како што вети… Вау! Тоа го става во категорија за себе“, напиша Семи Хагар, фронтмен на Ван Хелен, на Инстаграм.

Австралискиот бенд АЦ/ДЦ изјавија дека смртта на Озборн е „голема загуба за сите што го сакаа“, а басистот на Кис, Џин Симонс, за Ен-Би-Си Њуз изјави дека зад отворениот сценски лик се криел „сакан татко“ и „посветен сопруг“.

Сер Елтон Џон на Инстаграм напиша: „Многу сум тажен поради веста за смртта на Ози Озборн.

„Тој беше драг пријател и огромен пионер кој го осигура своето место меѓу рок боговите, вистинска легенда“, додаде Елтон Џон.

„Исто така беше еден од најсмешните луѓе што сум ги сретнал. Ќе ми недостига многу. До Шерон и семејството, испраќам сочувство и љубов“, напиша тој.

Фу Фајтерс напишаа дека „рокенролот не би бил толку гласен или толку забавен“ без Озборн, додека фронтменот на Лед Цепелин, Роберт Плант, рече дека Ози „навистина го промени светот на рокот“.

Други се присетија на неговиот колоритен карактер.

Уредникот во Варајети, Џем Асвад, се присети дека кога првпат го запознал Озборн, бил „нервозен“ бидејќи ќе се сретне со „принцот на темнината“.

„Беше навистина бизарна сцена“ изјави Асвад за Би-Би-Си. Озборн влегол во просторијата на пладне, во бањарка, со многу накит и „многу злато“, но бил „совршено љубезен и пријателски“.

Во меѓувреме, фанови се собраа на Холивудската патека на славните во Лос Анџелес, каде положија цвеќиња на ѕвездата посветена на Озборн.

„Озборн беше повеќе од рок легенда, беше културна икона кој ја трансформираше музиката и ги надмина очекувањата“, изјави Ана Мартинез, продуцентка на настанот.

Блек Сабат беа пионери на хеви-метал жанрот, создавајќи класични песни како „Paranoid“, „War Pigs“ и „Iron Man“.

Извор: МЕТА