По повод „Светската недела на настраданите во сообраќајните незгоди“, во соработка со основните и средните училишта во Прилеп, во петокот во просториите на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ Прилеп, се одржa литературно читање на лични творби, на тема која е во контекст на овој настан.

Иницијативата произлезе од ученичката Тамара Насевска, ученик во I-6 клас, при СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, а во организација на професорите дипл.сообр.инж.Виолета Секулоска, дипл.сообр.инж. Снежана Трајкоска,  дипл.сообр.инж. Александра Ќосевска и професорот Зоран Николов. Целта на литературното читање беше да се обележи Светската недела на малку поинаков начин, со што ќе се направи коресподенција на умешноста кај учениците за творење, како и разбудување на свеста кај учесниците за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

На литературното читање свое учество зедоа вкупно 27 учесници од сите основни и средни училишта од Прилеп, кои беа поделени во две категории:

I категорија на учесници од основните училишта

-освоено I место Нина Насеска, Гимназија „Мирче Ацев“

-освоено II место Христијан Пусоски, СОУ „Ристе Ристески-Ричко“

-освоено III место Меланија Атанасоска, СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“

II категорија на учесници од средните училишта

-освоено I место Барбара Мицеска, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“

-освоено II место Милана Капкоска, ООУ „Рампо Левката“

-освоено III место Сара Пројческа, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“

Во секоја од категориите жирито составено од три членови, издвои по три трудови кои ги прогласи за најдобри. Првонаградените во секоја од категориите добија диплома, книга поезија од авторот Тамара Насевска и ваучер во вредност од по 1.000 денари од спонзорот Stibera Ekskluziv. На второнаградените им беше доделена диплома и ваучер од 700 денари од Stibera Ekskluziv, додека на третонаградените, дипломи и ваучери од по 500 ден од Stibera Ekskluziv. На сите учесници им беа поделени пофалници за учество.

Присутните имаа можност да слушнат исклучителни творби напишани од учениците, во вид на поезија и проза, поврзани со сообраќајните незгоди, со навистина емотивна содржина со што на присутните гости им ги растрепери срцата и им ги насолзи очите.