Светскиот самит за климата КОП26, денеска се очекува повеќе од 100 светски лидери да стават крај на уништувањето на шумите

Светскиот самит за климата КОП26, денеска се очекува повеќе од 100 светски лидери да стават крај на уништувањето на шумите

На светскиот самит за климата КОП26, денеска се очекува повеќе од 100 светски лидери да стават крај на дефорестацијата, односно на уништувањето на шумите и да преземат мерки за поправање на штетите и за враќање во претходна состојба. Денешното потпишување на заложбата е првото крупно постигнување на двонеделниот собир што се одржува во Глазгов во организација на британскиот премиер Борис Џонсон, известува Би-Би-Си.

Договорот предвидува вкупен буџет за оваа цел од 19,2 милијарди американски долари, кои ќе дојдат од јавните буџети и од приватно финансирање.

Експертите го поздравуваат овој потег, но предупредуваат дека претходната ваква заложба од 2014 година воопшто не ја успори дефорестацијата“ и затоа ветувањата мора да се исполнат.

Уништувањето на шумите во голема мерка ги потпомага климатските промени бидејќи ги намалува шумските површини што апсорбираат јаглерод диоксид, којшто е причинител на глобалното загревање.

Меѓу земјите што се очекува да ја потпишат заложбата се Бразил, Канада, Русија, Кина, Индонезија, Демократска Република Конго, САД и Обединетото Кралство. На територијата на овие земји се наоѓаат околу 85 отсто од шумите во светот. Индонезија е најголемиот светски извозник на палмино масло, на територијата на Русија се наоѓаат околу петтина од светските шуми, што заробуваат 1,5 милијарди тони јаглерод секоја година. Во Бразил, пак, каде има огрмна сеча на прашумите, дефорестацијата во 2020 година, под водството на претседателот Жаир Болсонаро, забележа најголем обем во последните 12 години.

Дел од предвидените финансии – јавни иприватни пари – ќе се доделат на земјите во развој за возобновување на уништените површини, за справување со шумски пожари и поддршка на домородните заедници, пишува Би-Би-Си.

Владите на 28 земји исто така ќе се обврзат да ја исклучат дефорестацијата од меѓународната трговија со храна и други земјоделски производи, како палмино масло, соја и какао. Овие индустрии предизвикуваат масовна сеча на дрвја за да се создаде простор за земјоделски површини или за паша на стока.

Повеќе од 30 од најголемите светски компании исто така ќе се обврзат да не инвестираат во активности поврзани со дефорестацијата.

Професорот Сајмон Луис, експерт за климатологија и шумарство за Би-Би-Си вели оти „е добра вест дека ќе има политичка заложба да се запре дефорестацијата во толку многу земји, но светот веќе го видел ова, со декларацијата од Њујорк во 2014 година, која воопшто не успеа да ја сопре дефирестацијата“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Рускиот државјанин Јури Коховац денеска (22 април) беше осуден од судот во Москва на пет …