Талибанците влегуваат по домови и бараат соработници на НАТО и на досегашната влада на Авганистан

Според документ од Обединетите Нации, Талибанците во Авганистан ги засилиле своите потраги по луѓе што работеле за силите на НАТО и на доскорешната влада на Авганистан. Милитантите одат од врата на врата за да ги најдат луѓето од списоците и се закануваат на нивните семејства, пренесува Би-Би-Си.

Од преземањето на контролата над земјата во неделата исламистичкото движење ги убедуваше Авганистанците дека нема да има „освета“, но сè поголеми се стравувањата дека не ги остваруваат ветувањата.

Предупредувањето дека Талибанците „одат“ на „соработниците“ доаѓа од доверлив документ од Норвешкиот центар за глобални анализи RHIPTO кој обезбедува разузнавачки информации за ОН.

„Има голем број поединци што моментно се цел на Талибанците и тоа е кристално јасно. напишано е дека ако не се предадат, Талибанците ќе ги уапсат и кривично ќе ги гонат, ќе ги испрашуваат и ќе ги казнат членовите на нивните семејства“, за Би-Би-Си вели Кристијан Нелеман, претседател на Центарот за глобални анализи.

Тој предупредува дека сите што се на црните списоци на Талибанците се во крајна животна опасност и може да има и масовни погубувања.

Цел на овој „лов на луѓе“ се и новинарите, и се влегува во домовите на некои од нив. Дојче веле (ДВ) вчера објави дека Талибанците застрелале и убиле еден од членовите на семејството на нејзин новинар во Авганистан и тешко раниле друг член на семејството. Медиумот објави дека Талибанците извршиле претрес во домот на новинарот и го барале во западниот дел на Авганистан, додавајќи дека некои членови на семејството успеале да избегаат. Медиумската куќа додаде дека новинарот, чие име не се открива, веќе бил префрлен во Германија.

Во меѓувреме странските сили продолжуваат со напорите да ги изнесат своите државјани надвор од Авганистан. Претставник на НАТО претпладнево рекол дека во последните пет дена од аеродромот во главниот град Кабул се евакуирани повеќе од 18.000 луѓе.

Дополнителни 6.000, помеѓу кои има и поранешни преведувачи на странските воени сили требаше да бидат евакуирани со авиони вчеравечер до денеска утрово. Целта на НАТО е во текот на викендот да се удвојат напорите за евакуација.

Пред аеродромот ситуацијата и понатаму е хаотична, Талибанците ги блокираат Авганистанците коишто се обидуваат да избегаат.

Авганистанци подаваат девојче на војници на САД аеродромот во Кабул. Фото: Исечок од видео, БиБиСи, 20 август 2021

На едно видео се гледа и како Авганистанци преку оградата на аеродромот подаваат деца на војниците на САД, кои сега го контролираат аеродромот.

Еден од оние што беа снимени како гинат паѓајќи од авионот на САД што полетува од пистата пред неколку дена е идентификуван како 19-годишниот Заки Анвари, играч во младинската фудбалска репрезентација на Авганистан.

Во Авганистан, инаку имаше анти-талибански протести во неколку градови. Во протестите во Кабул демонстрантите го вееја националното знаме.

Талибанците сега имаат во посед неколку илјадни оклопни возила произведени во САД, 30-40 летала и голем број парчиња лесно оружје.

Талибанците го освоија Кабул во неделата, без да наидат на речиси никаков отпор, со што заврши нивното преземање контрола врз Авганистан.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …