Пишува: Сотир Габелоски

Фестивалот на храна и култура – Taste Krusevo ги исполни очекувањата. Заради потенцијалот што го покажа, заедничка е констатацијата на организаторот и поддржувачите дека овој настан во иднина треба и мора да расте.

На тридневниот Фестивал на храна и култура – Taste Krusevo, учествуваа и се натпреваруваа 7 државни училишта од нашата држава и едно од соседна Србија, а поддршка дадоа и неколку универзитети. Настанот на кој се натпреваруваа педесетина ученици, се состоеше во промоција на храната и културата на градовите од каде што доаѓаат училиштата, натпревар во подготовка на Крушевски чомлек, како и истражување на локалната култура.

Според организаторот, СОУ „Наум Наумовски-Борче“, настанот беше успешен и заради поддршката од локалните угостители кои се обединија во заедничката цел за промоција на уникатната крушевска храна и привлекување што повеќе туристи во Крушево.

„Целта на фестивалот обедини добар дел од крушевските угостители и еден претставник на локалните месарници. Сите тие дадоа ‘зелено светло’ за ваков тип на настани и изразија желба за соработка во интерес како на училиштето ‘Наум Наумовски-Борче’, така и на градот. Изразувам  почит кон нивната намера Фестивалот да стане традиција. Исто така, од големо значење е и самоиницијативното вклучување крушевското Здружение за угостителство и туризам и ‘Крушевска жена’, вели директорката на СОУ „Наум Наумовски-Борче“, Снежана Миленковска.

Миленковска потенцира дека од Фестивалот произлегле многу идеи чија реализација се очекува веќе следната година, она што таа не пропушта да го потенцирае, е дека Taste Krusevo испрати и силна општествено-одговорна порака: Охрид да остане на мапата на УНЕСКО.

„На мое задоволство, можам да речам дека со мали исклучоци, градот е спремен за вакви манифестации. Што се однесува до гостите, забележавме сериозен пристап и нивно меѓусебно зближување, преку што се родија идеи за понатамошна соработка. Она што посебно ме радува, е тоа што не се задржавме само во рамките на школско претставување, туку сосема спонатно го вклучивме и секојдневието – и она што не развеселува, и она што не загрижува. Овде мислам на пораката од охриѓани која силно не’ раздрма, не’ разнежни и не’ обедини: Охрид да остане на мапата на УНЕСКО. Сакајќи да изразам почит и да дадам поддршка за ваквиот начин на третирање на сегашноста, најмалку што можам да направам е да им го предадам пехарот со кој тимот ја награди мојата идеја за Фестивалот“, вели директорката на СОУ „Наум Наумовски-Борче“, Снежана Миленковска.

Димитар Ангелкоски од When in Krusevo, уште еден поддржувач на Фестивалот, при одржувањето на годинешното издание на фестивалот на отворено When in Krusevo, порача дека сите настани во Крушево треба, пред се’, да бидат поддржани од локалното население за да се создаде основа во Крушево да доаѓаат посетители и од другите градови од државата, но и од странство. Имајќи го во предвид размислувањето на Ангелкоски, директорката на СОУ „Наум Наумовски Борче“ потврдува дека единствена слабост на Фестивалот беше слабото присуство на локалците.

Но, на светлата страна, фестивалот на храна и култура Taste Krusevo се покажа како уште еден успех на градот, а с

Според Билјана Стојаноска од Локалниот младински совет, овој Фестивал е уште една можност Крушево да се промовира преку крушевската кујна.

„Покрај историјата, природата и обичаите, Крушево се издвојува од останатите места и по прекрасната традиционална кујна. Taste Krusevo го доживувам како можност за промоција на Крушево преку крушевската кујна, а тоа за мене е уште една остварена желба“, вели Стојаноска.

Првото издание на Taste Krusevo не само што не разочара, туку обединувањето кое го создаде меѓу угостителскиот сектор, државните институции и граѓаните, е причина повеќе Фестивалот на храна и култура да продолжи да се одржува и секоја година да расте.