Пишува: Зоран Милошески
Со изведбата на претставата „Од кол на кол“, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ го прослави 68. роденден. Истовремено, претставата на режисерот Коле Ангеловски која ансамблот на прилепскиот театар ја играше во чест на јубилејот, одбележа 10 години од својата премиерна изведба.
Од првата претстава „Кир Јања“ на авторот Јован Стерија Поповиќ и режисерот Аце Михајлоски, одиграна во далечниот 18 февруари 1950 година, сѐ до денес, на сцената на прилепскиот театар биле прикажани повеќе од 370 премиери и 7.500 претстави, кои ги виделе преку 1,6 милиони гледачи.
При секое одбележување на годишнината на театарот, се враќаат спомените на деновите кога се раѓаше прилепскиот театар. Некогашниот Градски народен одбор немал дилема дека на Прилеп му е неопходен професионален театар, па од тие причини на 01.09.1949 година донел одлука за негово формирање. Нецели 5 месеци подоцна, во адаптираната зграда на некогашното кино „Москва“, била крената завесата на првата театарска претстава.
„Оттогаш поминаа 68 години, во кои театарот растеше и се развиваше. Тешко е да се зборува за растеж на еден театар, бидејќи тој не знае за застој. Секој ден, месец и година се значајни во процесот на негово созревање и професионализирање. Тешко е да се набројува, а притоа да не се пропушти кој сѐ дал придонес за да прилепскиот театар биде ова што е денеска. Тоа се стотици драмски текстови, автори, режисери, актери, доајени на македонското глумиште. Се надевам дека веќе за две години ќе успееме сето тоа да го документираме во монографија по повод 70 годишнината од театарот „Војдан Чернодрински“, вели Менче Караџоска, вд директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“, под чија капа прилепскиот театар фунционира.
Според квалитетот, ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ се вбројува меѓу водечките во државата. И покрај тоа што просторните и техничките услови се под секое ниво, со својата работа во последните години, прилепскиот театар докажа дека и најдобро опремената сцена не помага ако режисерот, актерите, техничарите, не ја работат добро својата работа и ако од неа не направат уметност.
„Прилепскиот театар го прави токму тоа – создава уметност. Затоа, време е во периодот кој што следи, енергијата да се насочи кон подобрување на условите и амбиентот, задача која ни припаѓа и нам, на вработените во театарот, но подеднакво и на градот и државата. На нашата верна публика ѝ го должиме потребното внимание, да овозможиме услови во кои секој нов проект, секоја следна претстава едноставно ќе биде настан. А нашиот театар имал многу такви настани, театарски блесоци кои траат долго во сеќавањето на гледачите“, нагласува Караџоска.
„Тапани во ноќта“, „Кавкаски круг со креда“, „Спиро Црне“, „Солунски патрдии“, „Колобан“, „Арсениј“, „Полковникот птица“, „Змејовата невеста“, „Клетници“, се дел од претставите со кои театарот стрпливо чекореше кон врвот на македонската театарска сцена. Затоа, секоја годишнина е нова можност за одредени промени во насока на постигнување уште повисоки уметнички дострели, кон кои прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ недвосмислено цели.