„Театар Комедија“ го прославува шестиот роденден

Пишува: Зоран Милошески

По повод шестиот роденден на Театар Комедија, денеска вд директорот Сашо Ристовски одржа прес конференција. Во чест на Светскиот ден на театарот, 27 март, Ристовски за утре ја најави премиерата на хит комедијата „Не сега драга“, во режија на Коле Ангеловски, со која Театар Комедија истовремено и ќе го одбележи роденденот.

На денешната прес конференција, првиот човек на Театар Комедија ја презентираше програмата за 2018 година, за која освен утрешната премиера, се планирани и 4 нови претстави.

„Кон средината на месец април, со режисерката Ана Вукотиќ од Црна Гора започнуваме со работа на нова претстава, чија премиерна изведба ја планираме за фестивалот „Охридско лето“. Во втората половина од месец септември почнуваме соработка со режисерот Ѓорѓи Ризески, а 2018 година ќе ја заокружиме со претставата „Нема да платам и не сакам да платам“, на режисерката Александра Кардалевска. Во оваа прилика сакам да ги отфрлам шпекулациите дека се укинува фестивалот „Гола Месечина“. Фестивалот ќе се одржи и оваа година, чиј буџет е обезбеден од Општина Аеродром. Годинава Театар Комедија ќе гостува на неколку фестивали надвор од границите на Македонија, а воедно е планирана и турнеја во Црна Гора. Исто така, за годинава се предвидени градежни зафати на зградата на Театар Комедија, кои ќе бидат реализирани со средства од Министерството за култура“, изјави вд директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски.

Во утрешната премиера на претставата “Не сега драга“, како што вели Ристовски, играат речиси 80% од ансаблот на театарот. Билетите за премиерата и за првата реприза, веќе се распродадени.

 

Прочитајте повеќе

Ковачевски: ЕУ е нашата единствена алтернатива, заедно со ЕУ ќе ја пребродиме економско-енергетската криза

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со лидерите од Западен Балкан денеска учествуваше и дискутираше на втората …