Театарот нема да се измени, но потребно е сплотување сметаат дел од уметниците

Театарот нема да се измени, но потребно е сплотување сметаат дел од уметниците

Поради пандемијата, со цел да се спречи ширењето на корона вирусот, се затворија кината, театрите, музеите и сите други институции каде што може да се одржуваат масовни собири, настани, концерти и други културно информативни настани. Но затворањето на театрите освен што за публиката значеше дека наместо во живо, уметничките изведби ќе ги следи од дома преку дигитални платформи, за културните работници и уметници значеше целосно стопирање на ангажманите. Наместо на даските што живот значат, тие мораа одреден период да поминат на даските во сопствените домови.

Мета.мк разговараше со дел од културните работници во врска со последиците од пандемијата, со какви предизвици се соочија и како ја гледаат иднината на театарот. Она што е заедничко за уметниците е што сите го делат поривот за создавање без оглед на условите. За пандемијата се согласни дека е можност за трансформација и промена, но не и изговор за пауза во процесот на творење. Театарскиот режисер и едукатор, Милош Б. Андоновски смета дека пандемијата влијаеше погубно, особено врз невработените, самостојни театарски уметници.

Театарот нема да се измени, но потребно е сплотување сметаат дел од уметниците
Милош Б. Андоновски, театарски режисер и едукатор / Фото: Лилика Стрезоска

„Се снаоѓавме буквално кој како стигне: со враќање по градовите дома, откажување на становите и живеалиштата, позајмување и задолжување од блиски и вработени, без да знаеме кога и како ќе вратиме. Секако, целиот тој стрес влијаеше негативно и на менталното здравје. Од друга страна пак, со колегите со кои имам разговарано, како потајно да се надевавме на некаква колегијалност и солидарност од вработениот сектор во културата. Мојата лична перцепција од целиов овој период ме плаши зашто ми делува дека не се сплотивме особено, но ќе видиме што ќе се случи кога ќе се вратиме во театар, во живо“ изјави за Мета.мк, Андоновски.

На ова се надоврзува и режисерката и психолог, Драгана Гунин, која од позиција на независен уметник смета дека првата фаза кога започна пандемијата беше прилагодување и прифаќање на ситуацијата, а потоа и барање простор за решение и бирање решение наместо одложување.

Театарот нема да се измени, но потребно е сплотување сметаат дел од уметниците
Драгана Гунин, театарски режисер и психолог / Фото: Сандра Трајковска

„Јас продолжив да држам часови во драмско студио, а имав и неколку средби со актерите, од претставата која е сè уште на пауза, “Вообразен болен”, на Молиер, совршен текст за ова време (zoom, секако) а исто така работам и како психолог, па повеќе се насочив кон таа сфера. Среќа што имам две професии, затоа што Министерство за култура не понуди никакво решение, ниту протокол за продолжување на веќе започнати проекти и заштита на своите работници. Иако на почетокот ни јас не очекував брза реакција, ова за сите беше шок, ново и неочекувано. Но тука зборувам и за следните месеци“, изјави Гунин.

Таа посочува дека заедно со театар Куманово, каде и што започнала со проби пред карантин периодот, доставиле протокол до Министерство за култура, за продолжување со проби. Нивниот предлог бил изработен со помош на лекари и колеги психолози, со цел да пружи заштита и безбедност на сите кои се вклучени во самата претстава, актери, техника, надворешни соработници. Тоа би значело распределување на актерите во групи, работа со асистент режија, работа и проби на отворено и така натаму.

„Одговор до овој момент нема. Предлогот е пратен во мај, препратен пред некое време. Се надевам со новите промени ќе има одговор како и начин да се продолжи, дури нè служи времево за работа на отворено“, вели режисерката.

Од институциите, таа очекува одговори решенија и соработка, кои како што вели, лежат во слушањето и присуството. Гунин е децидна дека министерството за култура треба да научи да ги слуша и препознава потребите на културните работници, и да знае со што се соочуваат.

„Ние можеме да си играме на сцена, меѓутоа надвор од неа треба посериозно да се занимаваме со играта и положбата на луѓето кои се вклучени во неа. Односно ако зборуваме низ терминот ‘ново нормално’, во него да бидат оживеани и основни вредности како почитување на интегритетот и личност на уметникот и културниот работник,“ посочува режисерката.

Актерката Емиле Халил пак, вели дека во моментов нема никаков ангажман и се надева дека наскоро ќе почне со работа. Пред пандемијата ја имала својата прва детска претсава како режисер „Девојчето со кибритчиња” (15.01.2020) во Турскиот театар во Скопје, во кој е вработена и кој оваа година слави 70 години од постоење.

Театарот нема да се измени, но потребно е сплотување сметаат дел од уметниците
Емиле Халил, актерка / Фото: лична архива

„Поради пандемијата за жал не успеавме да прославиме на начин како што му доликува на еден таков театар. Бев дел од неколку проекти што започнаа со таа цел, но поради пандемијата се стопираа. Интересно е што неколку дена пред да ја имаме премиерата на ‘Девојчето со кибритчиња’ напишав текст во врска со претставата каде напоменав дека сите некаде брзаме и дека немаме емпатија еден кон друг и затоа треба да застанеме и да си запалиме едно кибритче и да замислиме желба. Како да ми се исполни на некој начин желбата, како наеднаш сè да застана и како навистина да почнавме да имаме повеќе емпатија за другите и повеќе време за себе. Така да, театарот има некоја магичен прав без кои ние уметниците не можеме“ вели Халил.

За иднината на театарот, уметниците се согласни дека нема да биде полна со драстични промени. Андоновски смета дека театарот нема да умре, напротив, тој повторно ќе застане на нозе и ќе си продолжи по стариот пат.

„Моментално го гледам како една стара кола со коњи. Стопанот застанал крај селскиот пат за да одмори, јаде ѓеврек, а неколку муви летаат околу опашките на коњите кои се заџвакале трева“, вели режисерот.

Актерката Халил пак, вели дека театарот нема да ја промени неговата првобитна форма како од неговото појавување. И натаму, како што додава таа, театарот ќе остане жива материја која се случува во живо.

„За нас актерите сметам дека нема да биде тешко да се прилагодиме, пред сè кај сите има желба да се вратат на работа и мислам дека тој ентузијазам ќе направи полесно да ги поминеме проблемите кои ќе ни го пресечат патот“, децидна е актерката.

Во текот на претходните месеци, од страна на културните работници, меѓу кои актери, режисери и едукатори имаше обиди да се зачува театарскиот дух на креативен начин. Дел од актерите во земјава имаа онлајн претстава насловена „Илузии“, додека пак режисерот Андоновски ја реализираше својата онлајн програма „Вовед во театарската уметност” што ја предава во неговото училиште за млади и возрасни „Театар за сите”. Имено, во тек се уписите за третиот курс.

„Вистинската програма мораше да претрпи измени и да стане повеќе теоретска, отколку практична за работата на ‘Театар за сите’ да продолжи. На онлајн курсот, секако, разговарам со посетителите за моменталните случувања во изведбените уметности не само кај нас, туку и во светот и ги подготвувам како гледачи за, после пандемијава, да му пристапат на театарот од поинаков агол“ додава тој.

Имено, за време на пандемијата многу од театрите на своите Youtube канали ги објавија претходно снимените претстави со цел публиката да може да ги гледа од своите домови.

Неодамна од Театар Комедија најавија дека започнуваат со проби на отворено, а воедно и со подготовки за претставата „Си беше еднаш“ во режија на Синиша Евтимов, чија премиера е предвидена кон крајот на месецов.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …