ТЕХНИКАТА НА ПОЛЖАВОТ

ТЕХНИКАТА НА ПОЛЖАВОТ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

„Со ситни души држава не се прави“, рече БЦ во своите најдобри денови. И сосема беше во право. Ама не само држава, туку со ситни души ни партија не се прави. Тие, ситнодушните, и самите си го знаат тоа па затоа никогаш не истрчуваат напред, никогаш јавно не даваат изјави, никогаш први не креваат рака. Секогаш се тука некаде, околу “пленот“. Никогаш доволно храбри први да “загризат“, секогаш доволно алчни да се “омрсат“. Освен карактерот на хиена, споменатите имаат голема сличност со уште едно животно, со полжавот.

Кога орелот го прашал полжавот како стигнал до врвот на планината, овој му одговорил:„со лигавење“. Токму “техниката на полжавот“ е една од најсигурните и најчесто применуваните стратегии за градење политичка кариера. А за тоа “кандидатите“ не треба да имаат индивидуални квалитети или да исполнуваат некои посебни услови. Доволно е да бидат оперирани од срам, да се доволно “лигави“ и да најдат уште неколку “сродни души“ со кои заедно ќе градат кариера. И, се разбира, по ниедна цена да не дозволат на патот кон врвот да ги помине некој побрз од нив. Ако сепак се најде некој таков, под итно го влечат кон дното, па макар потонале заедно со него.

Долга е листата на “полжави“ кои направиле политичка кариера. Всушност, отсекогаш и била долга. Како што после дождот никнуваат печурките и се раздвижуваат полжавите, така после сите избори се множат среброљупците, кариеристите, фотелјашите, сончогледите…сите оние кои целиот свој живот работеле на усовршување на “техниката на полжавот“. Неспособни да изградат кариера со сопствен труд и квалитет но бесрамни да ја остварат замислената цел, гореопишаните полека ползат кон височините. И ако некој не ги собере во вреќа и не ги исфрли на буниште, порано или подоцна тие ќе отползат до фотелја.

Иако на прв поглед изгледаше невозможна мисија, Заев успеа да го симне од власт злосторничкото здружение. Тогаш кога огромното мнозинство од граѓаните го зафати малодушност и кога речиси сите се помиривме со фактот оти ни било судено Груевци да ни бидат судбина, упорноста, храброста и силната желба да ги врати работите во нормала и да ја внесе државата во големото европско семејство, дадоа резултат. Нема да се навраќам на црните датуми и настани кои му претходеа на ова што сега го имаме. Минатото, иако толку свежо што уште мириса на крв и пот, не носи напредок. Иднината е таа кон која треба да биде насочен нашиот поглед. А за да биде таа онаква каква што се надеваме и каква ја посакуваме, сегашноста бара очите да ни бидат ширум отворени.

Зошто ја направив оваа дигресија и, наизглед, се оддалечив од темата? За да алудирам на “жртвата“ која “полжавите“ си ја зацртале како цел за освојување.

Никој досегашен лидер на СДСМ не бил толку оспоруван како актуелниот, како Заев. И покрај тоа што претседателската функција ја доби на апсолутно демократски начин, убедливо победувајќи ги на Конгрес своите противкандидати, долго после тоа многумина не можеа да се помират со фактот дека на чело на партијата застанал “провинцијалец“, а не некој од “столицата“. Да биде трагикомедијата поголема, истото го зборуваа и поединци од внатрешноста на државата кои во екот на внатрепартиската кампања здушно одработуваа за другите кандидати. Тоа што подоцна истите тие станаа функционери во локалните раководства и што и натаму ја користат секоја прилика да се лигават пред оној кого и денес зад грб го плукаат, значи само едно: дека одлично ја совладале “техниката на полжавот“.

Како што еднаш веќе напишав, претстојните локални избори ќе бидат моментот на вистината и за Заев, и за СДСМ и, што е најважно, за државата. Сето она што во изминатите 4 години актуелниот премиер го одработи може да биде ефектуирано во голема победа, која долгорочно на Македонија ќе ѝ донесе политичка стабилност. Во спротивно, она што ќе следува со поинаков изборен резултат ќе значи множење со нула на сиот минат труд и на сѐ што, и во буквална смисла на зборот, крваво се заработило.

Еден од главните предуслови да не дојде до несаканото сценарио е дистанцирање на “полжавите“ што подалеку од изборниот процес. Порано или подоцна тие ќе отползат во противничкиот табор. Не за џабе на сите избори победуваат нивните кандидати. Оти “полжавите“ немаат ниту партија, ниту идеологија. Имаат само добра техника!

Автор:
Чеге Вара                               Прилеп, ебаго!…….(156)

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …