Телеграма со сочувство од градоначалникот Јованоски до семејството на Ѓорѓи Желчески

По повод смртта на Ѓорѓи Желчески, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, до семејството на починатиот испрати телеграма со сочувство, со следната содржина:

„Со длабоко жалење ја примивме веста за смртта на доајенот на македонската народна и новокомпонирана песна, на нашиот прилепчанец, Ѓорѓи Желчески.

Заедно со својата животна сопатничка, Кевсер Селимова, речиси шест децении Ѓорѓи Желчески ја пренесуваше и промовираше убавината на македонската песна надвор од границите на нашата држава, како најдобар амбасадор на својата татковина и на родниот град.

Ѓорѓи никогаш не го заборави Прилеп. Иако поголемиот дел од својот живот го помина далеку од него, тој во Прилеп доаѓаше често. И секогаш со многу љубов и со радост во срцето.  

За Ѓорѓи, првата асоцијација за Прилеп беа младоста и луѓето. Велеше: „Прилепчани се еснаф луѓе. Во Прилеп никогаш човек нема да остане гладен или неспан. Луѓето се такви, гостопримливи“.

И како и за многу други работи, Ѓорѓи беше во право и кога тврдеше дека прилепчани си ги ценат уметниците.

Токму од тие причини, за сето она што во нивниот професионален животен век го направија за својот народ, за својата држава и за својот град, во 2018 година со одлука на општинскиот Совет, а по повод Денот на ослободувањето на Прилеп 3.Ноември, на дуетот Кевсер Селимова-Ѓорѓи Желчески им беше доделена највисоката општинска награда – „Златна плакета“ за животно дело. Наградата им беше доделена за нивните достигнувања во промоција на македонската музика надвор од границите на нашата држава.

Почивај во мир, драг наш Ѓорѓи.

Нека ти е вечна слава“.

Погребот на Ѓорѓи Желчески ќе биде извршен утре, сабота 29 февруари, во Белград, Република Србија.

Прочитајте повеќе

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Таа напиша дека „пари од нечесник не сака“ и поради тоа се откажува од паричниот …