Тешка битка со огнот во Богомила и Пелагонија

Тешка битка со огнот во Богомила и Пелагонија

Најтежок ден од сезонава на пожари беше регистриран во четвртокот (13 август), кога огнените фронтови се доближија до куќите во Богомила и во неколку села во Пелагонија. Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, благодарение на пожарникарите, доброволците и локалното население спречена е поголема катастрофа. Центарот за управување со кризи утрово информираше дека шест пожари сè уште се активни.

Стојанче Ангелов: Ова беше најтешкиот ден од сезоната на пожари

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов вели дека вчерашниот ден беше најтежок во досегашниот тек на сезоната на пожари поради директната закана за населените места.

Според него, во текот на денот биле регистрирани повеќе од 40 пожари на отворен простор, а утрово активни се шест пожари кои засега не ги загрозуваат населените места и не претставуваат опасност за квалитетна шума.

Најкритична била состојбата во селото Богомила во Општина Чашка и во пелагониските села Ивањевци, Лознани и Новоселани.

„Благодарение на храбрата и брза реакција, пред сè на локалното население, беше спречена катастрофа. Бргу пристигнаа и пожарникарите од Велес кои дадоа голем придонес во локализирањето, ставањето под контрола и гасењето на овој тежок пожар“, изјави Ангелов.

Во Богомила огнот се доближил до првите куќи, а локалното население, заедно со пожарникарите, успеало да го спречи неговото ширење кон селото.

Херојски потег на тракторист од Ивањевци

Најтешка, според Ангелов, била ситуацијата во Пелагонија, каде што пожарот ги загрозил селата Ивањевци, Лознани и Новоселани.

Тој го издвои херојскиот потег на Александар Чепиговски (34) од селото Ивањевци, кој со својот трактор влегол директно во огнената линија и помогнал во спречувањето на ширењето на пожарот.

„Да истакнам еден локален жител, храбар тракторист од село Ивањевци, Аце, кој со неговиот огромен трактор направи големо дело орајќи директно низ пожарната линија и гасејќи голем дел од пожарот кој загрозуваше дел од куќите во Лознани. Битката беше многу тешка“, рече Ангелов.

Тој посочи дека лично пристигнал во Лознани во доцните попладневни часови и затекнал опасна ситуација, со огнот на околу 50 метри од првите куќи. На терен биле ангажирани четири „пинцгауери“ на ДЗС, локалните пожарникари од Битола и 20 припадници на Доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола.

Во пожарот едно лице било повредено и пренесено во болница поради изгореници на дланките.

ЦУК: Активни се шест пожари

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 7:30 часот утрово биле регистрирани вкупно 40 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, три се под контрола, а 31 се изгаснати.

Активни се пожарите во Општина Студеничани, над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, во Општина Македонски Брод, кај месноста Видуш и селото Драгов Дол, во Општина Битола, кај селото Лопатица, во Општина Новаци, кај селата Маково, Мојно и Брник, во Општина Крушево, на потегот Алданци-Норово и во Општина Велес, кај селото Слп.

Под контрола се пожарите кај депонијата во Делчево, во Општина Могила кај селата Лознани и Вашарејца, како и кај селото Копанце во Општина Јегуновце.

Пожарите во Студеничани и Македонски Брод остануваат предизвик

Како сериозен Ангелов го оцени и пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, каде што гори на тешко пристапен карпест терен. Таму е ангажиран специјализиран модул за шумски пожари на ДЗС составен од 25 доброволци и пет оперативци, кои успеале да изгаснат значителен дел од огнената линија.

Продолжува и борбата со пожарот во атарот на селото Рамни Габер во Општина Студеничани, каде што интервенираат три „ер-трактори“, еден авион на МВР и копнени екипи на ДЗС.

Според надлежните институции, во моментов пожарот не претставува директна закана за населените места, но состојбата внимателно се следи.

Апел до граѓаните и предупредување за пожарите во Грција

Ангелов апелираше до граѓаните да бидат максимално внимателни бидејќи високите температури и силниот ветер создаваат услови за брзо ширење на пожарите.

„Бројката од над 50 пожари сериозно ги исцрпува нашите ресурси. Доволна е само една искра за да се случи вистинска катастрофа“, предупреди деновиве директорот на ДЗС.

Активни пожари има и во соседните земји. До овој момент вкупно пет македонски семејства побарале помош или асистенција при евакуација од подрачјата зафатени со пожарите во Грција, според информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Солун.

„Во координација со надлежните грчки власти, тие биле упатени кон најблиските точки определени за оваа намена, каде што биле згрижени и останатите туристи“, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Министерството ги повика македонските државјани кои се наоѓаат во подрачја зафатени од пожари во Грција и имаат потреба од помош да се обратат на дежурните телефонски броеви на Министерството и на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун.

Министерството апелира граѓаните внимателно да ги следат препораките на локалните власти и информациите за евентуална евакуација во погодените подрачја на Грција.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Мицкоски Кочоска јавниот долг

СДСМ: Кочовска и Мицкоски незаконски го фингираат јавниот долг

Откако Социјалдемократскиот сојуз на Македонија јавно објави документ за ново планирано задолжување од 1,3 милијарди …