Тешко се наоѓаат наставници – сите бегаат од образованието

Кога ќе се испразни наставничко место по предметот физика или математика во некое основно или училиште за средно образование, тешко се наоѓа лице со соодветно образование за да ја одржува наставата. Проф. Ѓорѓи Маркоски, шефот на Институтот по математика при Природно-математичкиот факултет, за „Мета“ вели дека ова е така затоа што дипломците одбиваат да работат во образование.

– За настава на македонски наставен јазик, немам информација дека има проблем со недостиг на наставници по математика, но за другите јазици, имам информација дека има многу несоодветни луѓе кои го предаваат предметот. На пример, економисти предаваат математика, а и електроинжинери, а пак, наши студенти работат по банки или се инжинери. Кај нас на Институтот се запишуваат триесетина студенти, а по 17 завршуваат, но тие не се сите од една генерација. Мислам дека проблемот е во тоа што тие не сакаат да работат во образование, генерално заради лошите политики, не толку заради ниската плата. Пред се` би рекол, поради лошиот избор на директори, во пракса се случува најлошиот наставник да стане директор. Затоа се демотивирани и не сакаат да работат како наставници – смета професорот Малкоски.

Тој не гледа решение на проблемот, за кој вели дека е многу комплициран. Решение за недостигот од соодветен кадар кој ни ги образува децата, немаат ни одговорните во Министерството за образование и наука (МОН).

– Долги години се соочуваме со недостиг на наставен кадар по математика, хемија, физика. Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високо образовните установи кои нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата кој секако, кога – тогаш заминува во пензија и мора некој да го наследи. Се празни одредено наставничко место во училиште и потоа да не може да се пополни, бидејќи ниту во Агенцијата за вработување не е пријавено лице со таков тип на образование кое бара работа – признаваат во МОН.

На прашањето, што тие прават за да се промени ваквата слика, оттаму со одговор:

– Се трудиме да ги стимулираме младите да ги избираат овие области. За тоа е потребно подигнување на личната мотивација, интерес и желба. А тоа се постигнува преку модернизација на наставата по овие, но и по сите останати предмети, во основното и средното образование. И затоа работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на содржините во наставните програми, подобрување на содржината во учебниците, обучување на наставниците заради поголема креативност при предавањето на материјата која ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места (од прво до трето место) на меѓународни натпревари по математика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади меѓу кои и за математика, физика, хемија, во план е отворање и на специјализирана Математичка гимназија и така натаму. MOН пред три години воведе стипендии за студенти кои се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија и ќе остварат просечен успех од минимум 7,00 во текот на претходното образование на соодветната високо образовна установа. Квотата на годишно ниво е 105 стипендии и искористеноста е на високо ниво, односно речиси толку, колку што е и квотата – информираат оттаму.

Ова се, додаваат, највисоките стипендии кои ги доделува МОН за студирање на домашните високо образовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …