Тивкото одумирање на политичките мастодонти

Тивкото одумирање на политичките мастодонти

Пишува: Зоран Милошески

Двете најголеми партии од македонскиот политички блок се соочуваат со сериозен недостиг на кадровски потенцијал. Тоа е проблем кој излегува надвор од ѕидовите на „Бихаќка“ и на „Белата палата“, од причина што таквата состојба директно се рефлектира на севкупните случувања во државата. Што е, впрочем, видливо и со голо око.

Емиграцијата, долгогодишното стеснување на кругот на партиски функционери кои ја кројат „високата“ политика, акумулацијата на функции во мал број на луѓе, негативната селекција на кадри, неисполнетите ветувања, корупцијата во сопствените редови… се дел од причините кои придонесоа за драстично намалување на интересот на партиското членство за партиципирање во органите и телата на двата најмоќни политички субјекта.

ВМРО-ДПМНЕ ја воведе, а СДСМ ја продолжи неразумната и непринципиелна кадровска политика, според која секој партиски член може да извршува секаква партиска, политичка и/или општествена функција. Притоа, образованието, стручната наобразба, идеолошката припадност, менаџерските способности, посветеноста на партиската кауза, професионалниот пристап во практикувањето на функцијата, примената на моралните и етички норми и кодекси… станаа одвишни критериуми.

Многу често, поседувањето некакви други „квалитети“ и вештини беа пресудниот фактор при изборот на кадри и нивно вдомување во удобните кабинети кои значат власт и моќ. И кога една таква состојба трае со години, сосема е логично партиите да се соочат со внатрешна ерозија и деградација. И по хоризонтала, и по вертикала.

Со неодамнешното кoнституирање на новиот состав на Извршниот комитет, Мицкоски ја пропушти шансата да покаже дека ја разбрал сериозноста на ситуацијата, како во ВМРО-ДПМНЕ, уште повеќе во државата. Дека ги прележал „детските болести“ и дека е подготвен да ја преземе улогата на респектабилен фактор на големата политичка сцена. Но, ништо од тоа.

Со направениот избор, тој само потврди дека е бледа копија на неговот ментор Груевски. Докажа дека нема идеја како да ја постави партијата на здрави темели, ниту пак капацитет да ја препознае важноста на тековните процеси на локално и глобално ниво. Затоа, воопшто не е случајно што некогаш силните Општински комитети кои важеа за главни упоришта на партијата, денес се претворени во минорни извршители на задачите зададени од централата, без никаква улога во креирањето на политиките.

Притоа, како дополнителен минус на контото на партискиот лидер оди неговиот личен придонес во напуштањето на демохристијанската идеологија. Нешто што е, всушност, „проект“ на унгарскиот бегалец за идеолошко обезличување на партијата. Сето ова заедно, комбинирано со очајно лошата постава на новоизбрани градоначалници, е главната причина поради која Мицко инсистира на предвремени парламентарни избори – сега и одма. Оти, се’ освен тоа, за него ќе значи подотворање на излезната врата од партискиот претседателски кабинет.

Во спротивниот табор, пак, работите се одвиваат по сосема друго сценарио.

Двоецот Ковачевски-Зечевиќ најави и делумно реализира нов начин на партиско функционирање. Свесни за посочениот кадровски дефицит, тие посегнаа во партиската „архива“ и вратија во игра дел од поранешните „истурени“ играчи. Нивниот ангажман треба да придонесе за квалитативно зајакнување на централното раководство на партијата, но истовремено и да го донесе толку неопходното искуство, чиј недостиг за социјалдемократите беше од „животозагрозувачки“ карактер.

Партијата која важеше за извор на интелектуалци, за синоним на образовани и квалитетни кадри кои беа spiritus movens на општествениот и политичкиот живот во државата, мора да воспостави систем на вредности кој за брзо време ќе продуцира политичари од доверба и квалитет.

Тоа „брзо време“ е прилично ризична категорија. Но, заради претходно бесцелно потрошеното време, секоја временска рамка за внатрепартиско преструктуирање на социјалдемократите, е со краен рок „вчера“.

Затоа е од исклучително значење возобновената пракса на мобилизација на севкупниот кадровски потенцијал со кој располага партијата, да биде спроведен и на локално ниво. Во овој момент СДСМ го нема луксузот да си дозволи експериментирање. Ѓаволот одамна ја однел шегата, само што тоа многумина дури сега го видоа. Велам, многумина, не и сите.

Тековниот избор на претседатели на Општински организации, е клучниот момент кој ќе ја одреди понатамошната судбина на партијата. Она коешто најповиканите треба да си го врзат в’крпче, е дека при изборот на новите партиски локални лидери, немаат право на грешка.

Пред новоименуваните претседатели стои огромен предизвик: да го запрат тонењето на партијата, комплетно да ја реконструираат партиската инфраструктура и на првите следни избори, кои можат да се случат и порано од планираното, да победат!

Секој грешен избор ќе значи – пропаст. Треба ли воопшто да се поставува прашањето, што ќе се случи со партијата доколку на следните парламентарни избори, редовни или предвремени, сеедно, доживее пораз? За да не се случи тоа, освен она традиционалното „пу-пу, скраја да е“, треба нешто и да се сработи.

Првите луѓе на партијата не смеат да одат по линијата на помал отпор и да мислат дека со распишаните и транспарентно спроведени внатрепартиски избори, го завршиле својот дел од работа. Ни случајно! Нивната одговорност, за која сум сигурен дека се повеќе од свесни, е огромна.

Јавниот повик за самокандидирање за претседатели на Општинските организации, без дилема, е демократски чин. Ама, постојат тука две големи „ама“.

Првото, дека е танка линијата помеѓу демократијата и анархијата. А колку пати тоа било злоупотребено, па во име на демократијата се посегнало по анархијата, не треба ни да се потсетува.

И она второто „ама“, дека големите играчи не се бираат на оглас. Или, како што би рекол еден драг пријател, ниту Меси се пријави на оглас на Барселона, ниту пак Реал го одбра Роналдо на конкурс. Не! И едните и другите знаеја какви играчи им требаат за освојување титули. Ги скицираа нивните профили, го дефинираа форматот на играчи кои им требаат и не чекаа самите да им тропнат на врата, туку тргнаа да ги бараат. И ги најдоа. Се’ после тоа е – историја.

А историјата, по правило, ја пишуваат победниците!

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …