Топлотниот бран во Европа однесе околу 10.000 животи

Топлотниот бран во Европа однесе околу 10.000 животи

За време на топлотниот бран што кон крајот на јуни зафати многу европски земји, во Европа биле регистрирани околу 10.000 повеќе смртни случаи отколку што е вообичаено за тој период од годината.

Огромното мнозинство од жртвите –  повеќе од 9.000 лица – биле постари од 65 години, покажуваат податоците на мрежата ЕуроМОМО, која е поддржана од Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Светската здравствена организација (СЗО).

Екстремната жештина  може да доведе до смрт преку предизвикување топлотен удар или преку влошување на кардиоваскуларните и респираторните заболувања, при што повозрасните луѓе спаѓаат меѓу најранливите групи.

Научници: Тешко е зголемената смртност да се објасни со нешто друго освен со екстремната жештина

„Толку висока прекумерна смртност во овој период од годината е невообичаена. Навистина е многу висока“, изјави Ласе Вестергор од данскиот Институт „Статенс Серум“, во рамките на кој функционира ЕуроМОМО, за новинската агенција Ројтерс.

„Тешко е оваа висока бројка да се објасни со нешто друго освен со  екстремната жештина“, додаде тој.

Според истражување на меѓународната научна група World Weather Attribution, ваков топлотен бран би бил „практично невозможен“ без влијанието на климатските промени.

Податоците се собрани од националните статистики за смртност на 27 европски земји и ги опфаќаат дополнителните смртни случаи од сите причини  во периодот од 22 до 28 јуни.

Научниците наведуваат дека не се познати други значајни фактори, како што се епидемиски бранови на Ковид-19, кои би можеле да придонесат за зголемувањето на бројот на смртни случаи на 10.650 во текот на таа недела.

ЕуроМОМО утврди дека  Франција  и Белгија биле единствените две европски земји кои во последната недела од јуни регистрирале „многу висока прекумерна смртност“. Сепак, и во бројни други земји биле забележани зголемени стапки на смртност.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Никој не ги објавува резултатите од анализите на водата во Гостивар

Никој не ги објавува резултатите од анализите на водата во Гостивар

Иако неколкумина локални и државни функционери на 14 август пиеја вода од јавна чешма во …